Премиерот Заев прими делегација на Министерството за одбрана на НР Кина: Посетата на министерот за одбрана генерал Фенгхе е уште една значајна потврда за добрите односи меѓу двете земји

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев прими делегација на Министерството за одбрана на Народна Република Кина предводена од министерот за одбрана генерал Веи Фенгхе.
 
На средбата во Владата, на која присуствуваше и министерката за одбрана Радмила Шекеринска, премиерот Заев, посакувајќи им добредојде на генерал Веи Фенгхе, и на членовите на неговата делегација, истакна дека оваа официјална посета на Министерството за одбрана на НР Кина, е уште една значајна потврда на добрите односи меѓу двете земји кои во последните години имаат позитивен и нагорен раст.
 

Претседателот на Владата Зоран Заев во своето обраќање пред гостите од НР Кина нагласи дека двете земји ги исполнуваат своите обврски од Договорот за соработка во сферата на одбраната, особено во делот военото образование и обуки.
 
Премиерот Заев посебно се задржа на економската соработка меѓу двете земји и изрази надеж дека работните тела на министерствата за надворешни работи на Република Северна Македонија и НР Кина набргу ќе ги завршат разговорите за укинување на визите со што ќе се постигне уште еден значаен чекор за уште поголем раст на трговската соработка, како и за интензивирање на соработката во туризмот.
 
Укинувањето на визите, рече на средбата премиерот Заев, ќе помогне да се оствари амбицијата на двете земји трговската размена идната година да ја достигне вредноста од 1 милијарда американски долари, која во 2020 година достигна до 763 милиони долари.
 
Премиерот Заев на средбата апелираше министерот за одбрана генерал Веи Фенгхе да пренесе до надлежните институции во НР Кина дека Северна Македонија очекува да се забрза испораката на набавката од 200.000 вакцини од компанијата „Синофарм“ за да бидат вклучени во процесот на имунизацијата во земјата која започнува утре.
 
Генерал Веи Фенгхе на средбата истакна дека оваа порака ќе им биде веднаш пренесена на надлежните институции во НР Кина за да се потврди пријателството меѓу двете земји и за време на актуелната криза заради КОВИД-19.
 
Министерот за одбрана на НР Кина генерал Веи Фенгхе на средбата во Владата го пренесе своето и задоволството на Владата на неговата земја за степенот на соработка на двете министерства, и особено од остварувањето на позитивните трендови во економијата кои произлегуваат од консензуалниот договор меѓу Северна Македонија и НР Кина за унапредување на релациите меѓу стопанските субјекти на двете земји.