Средба Попоски – Хејг: Британија е силен поддржувач на Македонија во НАТО и ЕУ

НАТО и македонското учество во нејзините мисии особено во Авганистан, интеграцискиот процес и афирмацијата на европската агенда беа во фокусот на денешната средба во Лондон помеѓу министерот за надворешни работи Никола Попоски и британскиот државен секретар за надворешни работи Вилијам Хејг.

Шефот на македонската дипломатија во изјавата по средбата со Хејг истакна дека Британија е силен поддржувач на Република Македонија, како во НАТО така и во ЕУ.

- Ја потврдивме уште еднаш нашата целосна посветеност. Македонија несомнено се однесува како земја членка на Алијансата и од тој аспект мислам дека уживаме голема поддршка за конечно членство, изјави Попоски.

Посетата на Лондон, Попоски ја реализира во пресрет на Самитот на НАТО во Чикаго, и се случува по разговорите што тој ги имаше во Берлин, Копенхаген и Брисел, а пред посетата на Прага во среда и четврток. 

Во однос на членството на Македонија во ЕУ, според министерот Попоски, охрабрувачки фактор за Македонија е фактот што почнува високиот пртпристапен дијалог со ЕК.

- Во тие рамки дополнително ќе можеме да ја афирмираме европската агенда. Мислам дека беше од особено значаен фактот што имаме придвижување во целиот регион, рече шефот на дипломатијата.

Ставот на Лондон е дека ова регионално придвижување мора да биде континуирано, да се задржи оној пристап во кој со секое остварување следи конкретен исчекор. 

- Во поглед на Македонија очекувањата се дека почнувањето на преговорите ќе настапи многу скоро. Во овој меѓупериод ќе имаме максимален простор да напредуваме во оние клучни реформи што ќе ни бидат значајни натаму, истакна Попоски.

Македонија особено значење посветува на натамошните можности за зголемена економска соработка со Британија.  - Значајни британски инвеститори се присутни во Република Македонија, други работат на можностите да дојдат во земјата. Во тој правец мислам дека доста е значајно е да ги афирмираме можностите што ги имаме како дестинација за инвестиција, и да ја нагласиме европската и евроатланската иднина на Македонија како силен сигнал за стабилност и просперитетност во нашиот регион, истакна Попоски. 

На средбата со Хејг станало збор и за заемната соработка за членството во Советот за човекови права на ОН.

Во рамки на работната посета на Лондон, шефот на дипломатијата Попоски во Британскиот парламент имаше средба со претседавачот на Пратеничката група за соработка со Македонија Карен Лумли, а ќе разговара и со претставници на комисиите во Горниот и Долниот дом за надворешни работи и за Европска унија.

Претходно тој имаше средба со заменик државниот секретар задолжен за Комонвелтот Масекгоа Масире-Мвамба, на која стана збор за размена на искуства со фокус на инвестициите и образованието.

Вечер Попоски ќе се сретне со претставници на македонската дијаспора во Велика Британија.

Министерот за надворешни работи Никола Попоски за време на посетата утре ќе одржи предавање во Европскиот совет за надворешни односи.