Вицепремиерот Битиќи на средба со УО на Стопанска комора на Македонија: Четирите пакети економски мерки реализирани со 87% успешност, со нивна имплементација драстично се намалени негативните ефекти од кризата

Заменикот на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи денес оствари он-лајн средба со Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија, на која се дискутираше за моменталните состојби на економијата во земјата, реализацијата на четирите пакети економски мерки, статусот на мерките од петтиот пакет, како и за активностите кои ги презема Владата за унапредување на бизнис климата во земјата.
 
Вицепремиерот Битиќи се осврна на реализација на четирите пакети економски мерки и посочи дека тоа што мерките се креирани во инклузивен процес, преку консултации со сите засегнати чинители, придонесе да истите бидат реализирани со исклучителен успех, при што анализата на реализацијата покажува дека 87% од мерките се реализирани, што пак влијаеше на тоа да се минимизира негативниот ефект врз економијата. Битиќи додаде дека успешноста на мерките се гледа и во тоа што нивната имплементацијата придонела за намалување на падот на бруто домашниот производ од 4,2%, односно доколку истите не биле спроведени, падот на БДП би бил околу 8,7%, а со нивното реализирање, бруто домашниот производ бележи пад од 4,5%. 
 
Вицепремиерот нагласи дека Владата внимателно и постојано ги следи состојбите поврзани со кризата предизвикана од коронавирусот и дека навремено го креираше Петтиот пакет на мерки, кој на средината на февруари беше доставен до Собранието, за да се усвојат неколку закони кои се од голема важност за стопанството и граѓаните. Тој посочи дека очекува во најбрзо време да се усвои Законот за финансиска поддршка за исплата за плати, при што рече дека со амандмански измени ќе се овозможи компаниите да може да аплицираат за поддршката до 30-ти април и на тој начин да им се излезе во пресрет на компаниите.
 
На состанокот се дискутираше и за процесот за укинување или намалување на пара фискалните давачки, којшто е веќе започнат и се спроведува во заедничка соработка помеѓу државните органи и бизнис секторот. Вицепремиерот информираше дека е започната и постапката за формирање на единствен регистар за државна помош, кој ќе биде единствената точка за сите информации поврзани со државната помош, а со кој ќе се постигне хармонизација на планирањето и буџетирањето и ќе се добие транспарентен и отчетен систем за помошта која ја обезбедува државата кон компаниите.
 
Претставниците на Стопанската комора на Македонија беа известени дека во напредна фаза е и подготовката на измените и дополните на Законот за финансиска поддршка на инвестиции, со кои, поради кризата предизвикана од КОВИД-19, ќе се олеснат условите за аплицирање и исплата на поддршката кон компаниите кои реализирале нови инвестиции.
 
Битиќи се осврна и на Законот за стратешки инвестиции, со кој се овозможува брза реализација на проекти кои се од јавен интерес и се проекти со кој се реализира инвестиција во висина од најмалку 100 милиони евра на територија на најмалку две или повеќе општини, најмалку 50 милиони евра во општините со седиште во град, општините во градот Скопје и градот Скопје или најмалку 30 милиони евра во општини со седиште во село.
  
Вицепремиерот информираше дека од јануари 2021 година е започнат процесот на информирање на сите засегнати страни за креирање на долгорочната Националната развојна стратегија 2021-2041 на Република Северна Македонија, со поддршка на Амбасадата на Обединетото Кралство и Организацијата на Обединети Нации, претставувана од канцеларијата на УНДП во земјата. Тој кажа дека процесот на креирање на Националната развојна стратегија ќе се одвива во две фази, од кои во првата фаза ќе се дефинира методологијата и оперативната структура која ќе ја развива стратегијата, додека втората фаза ќе биде развојот на стратегијата. Вицепремиерот Битиќи нагласи дека Националната развојна стратегија треба да отслика меѓу генерациски, родов, меѓуетнички, меѓупартиски и долгорочен консензус за приоритетите на државата, со цел да се обезбеди инклузивен, зелен и одржлив развој за сите, а особено за ранливите категории на граѓани. Во рамки на овој проект исто така ќе се идентификуваат и зајакнат врските помеѓу сите останати стратешки важни процеси  кои се одвиваат во државата, првенствено интеграцијата во ЕУ и Агендата 2030 за одржлив развој.