Можностите за инвестирање во Македонија претставени на форум со стопанственици од Катар
Владината делегација, предводена од премиерот Никола Груевски, а во чиј состав се и Зоран Ставрески, заменик на претседателот на Владата и министер за финансии, Бил Павлески, министер без ресор задолжен за привлекување странски инвестиции и Виктор Мизо, директор на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, денеска(понеделник, 26.03.2012 година) во Доха, Држава Катар, учествуваше на бизнис форум организиран од Катарската стопанска комора за трговија и индустрија.
На бизнис форумот присуствуваа повеќе претставници на катарски компании и катарски стопанственици, како и катарската компанија за рударство.
Премиерот Груевски во своето обраќање се осврна на континуираните реформи кои ги спроведува земјата во насока на унапредување на бизнис климата, како и на поволностите кои земјата ги нуди за реализација на бизниси, со осврт на ниските даночни стапки, даночните ослободувања во индустриските зони, квалификуваната работна сила и договорите за либерализирана трговија кои овозможуваат достапност до поширокиот регионален и континентален пазар од повеќе стотици милиони потрошувачи.
Премиерот се осврна и на макроекономската стабилност и позитивните макроекономски индикатори.
“Македонија во 2011 според растот на БДП се наоѓа помеѓу првите неколку земји во Европа, а потврдата на кредитниот рејтинг од страна на агенцијата „Фич“ е добра гаранција дека Вашиот бизнис во нашата земја може да се одвива во стабилна и добра насока”, посочи премиерот Груевски.
Од име на Стопанската катарска комора се обрати нејзиниот потпретседател Мохамед бин Бин Тавор, кој истакна дека “Катар е заинтересиран за инвестиции и заеднички партнерства и на домашниот пазар и во странство, и тука сигурно ја вбројуваме и Македонија која по нашите сознанија нуди добри услови за бизнис.”
Вицепремиерот Ставрески ги презентираше можностите за инвестиции во туризмот, поволностите во туристичките зони и туристичките ски- центри.
“Туризмот имаше пораст во изминатата година, а Ваша евентуална инвестиција во оваа област може да биде и исплатлива и доходовна”, изјави Ставрески.
Министерот Бил Павлески ги акцентираше можностите за инвестиција во еквити фондови и реализацијата на транспортни инфраструктурни проекти. Директорот Виктор Мизо се осврна на можностите во рударството и геологијата, како и на потенцијалот за реализација на инвестиции во гасификацијата на државата.
Владината делегација во текот на утрешниот ден ќе оствари дополнителни средби со катарските компании, агенции и фондови.