Институтот за македонски јазик ја информираше Владата дека ги разбира реакциите на ромската заедница и дека зборовите со навредливо толкување ќе бидат отстранети од „Толковниот речник на македонскиот јазик“

По повод 5 мај – Ден на македонскиот јазик, Владата на Република Северна Македонија ја промовираше дигиталната платформа makedonski.gov.mk на која е поставен вкупниот фонд од преку 100.000 зборови од „Толковниот речник на македонскиот јазик“.

„Толковниот речник на македонскиот јазик“ е научен труд и авторско дело на научниците македонисти и линнгвисти од Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“ коишто се единствено стручни за оваа област и имаа и имаат и надлежност за содржината на речникот.

Од друга страна, Владата на Република Северна Македонија, согласно својата програма за унапредување на македонскиот јазик ја реализираше дигитализацијата на вкупниот број лексеми, односно зборови, со единствена цел да им го доближи и да го стави на бесплатно располагање речникот на сите граѓани и на академската јавност во земјата и во светот, за тој редовно да се ажурира, да расте и да се развива, да се дополнува и менува. 

После објавувањето на дигиталниот Толковен речник, до Владата пристигнаа реакции од претставници на ромската заедница во земјата во врска со зборовите кои се застапени во речникот, а за кои јавноста одамна има разбирање дека имаат навредливо и дискриминирачко толкување за ромската заедница.

Претставници на Владата на Северна Македонија и на Министерството за образование и наука веднаш стапија во контакт со редакцијата на „Толковниот речник на македонскиот јазик“ при што од стручниот тим на речникот во Институтот за македонски јазик веднаш беше покажано разбирање и информираа дека лингвистите постигнале согласност зборовите што ги предизвикаа овие реакции да бидат повлечени.   

Од редакцијата на „Толковниот речник на македонскиот јазик“ од Институтот за македонски јазик уште информираа дека стручниот тим во наредниот период ќе изврши ревизија на лексемите во речникот и дека ќе следува процес низ кој зборовите во речникот ќе се толкуваат соодветно според современиот лингвистички и општествен контекст.   

Овој пример на реакција на заедницата и потоа брза одлука за постапување од страна на надлежните во Институтот за македонски јазик ја покажува вредноста на јавната достапност на дигитализираниот речник. Низ овој пример сведочиме учество на граѓаните во унапредување на јазикот како жива материја и негово негување и од социо-лингвистички аспект согласно современите општествени текови и вредности.