Јавен повик за финансиска поддршка на лиценцирани туристички агенции
Врз основа на Законот за извршување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2021 година и 6 сет економски КОВИД-19 антикризни мерки во 2021 , а Согласно Програма П – Мерки за справување со КОВИД-19 кризата, потпрограма П1 – Мерки за справување со КОВИД-19 кризата, Влада на Република Северна Македонија – Генерален Секретаријат објавува:
ЈАВЕН ПОВИК
ЗА ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА НА ЛИЦЕНЦИРАНИ ТУРИСТИЧКИ АГЕНЦИИ
Владата на Република Северна Македонија објавува повик за финансиска поддршка за лиценцирани туристички агенции во рамки на шестиот пакет економски мерки за закрепнување на македонската економија и за излез од КОВИД-19 економската криза.
Повикот има цел да обезбеди финансиска поддршка за лиценцирани туристички агенции кои поради ситуацијата со пандемијата беа оневозможени да обавуваат дејност.
1. Предмет на поддршка: финансиска поддршка за лиценцирани туристички агенции.
2. Право на учество имаат сите лиценцирани туристички агенции во Република Северна Македонија
3. Износ на поддршка
Туристичките агенции со А лиценца ќе добијат најмногу до 5.000 евра, а туристичките агенции со Б лиценца ќе добијат најмногу до 2.000 евра.
4. Начин на пресметка
Износот на средства кој ќе биде доделен е во зависност од остварениот вкупен приход во 2019 година, бројот на вработени и видот на лиценцата а ќе изнесува од 60.000,00 до 300.000,00 денари за правен субјект и тоа:
За туристичка агенција Б Лиценца
- за вкупни приходи од 0 - 1.000.000,00 денари - грант во износ од 60.000,00 денари;
- за вкупни приходи од 1.000.001,00 - 2.500.000,00 денари - грант во износ од 90.000,00 денари;
- за вкупни приходи над 2.500.001,00 денари - грант во износ од 120.000,00 денари.
За туристичка агенција со А Лиценца
- за вкупни приходи од 0 - 1.000.000,00 денари - грант во износ од 100.000,00 денари;
- за вкупни приходи од 1.000.001,00 - 2.500.000,00 денари - грант во износ од 200.000,00 денари;
- за вкупни приходи над 2.500.001,00 денари - грант во износ од 300.000,00 денари.
Туристичките агенции кои се регистрирани во 2020 и 2021 година и поседуваат Лиценца од Министерство за економија издадена до денот на објавување на јавниот повик на кои ќе им биде одобрен минимален износ согласно видот на Лиценцата.
Туристички агенции со лиценца А кои имаат помалку од 4 вработени ќе им се одобри грант во износ до 180.000 денари.
5. Посебни услови за користење на финансиската помош
Секој правен субјект кој ќе аплицира и на кој ќе му бидат исплатени средства од овој повик, доколку на 31.12.2021 има намален број на вработени споредено со 31.12.2020 тогаш има обврска да врати 50% од примената финансиска поддршка во Буџетот на РСМ.
Секој правен субјект кој ќе аплицира и добие средства од овој повик, доколку на 31.12.2021 го задржал истиот број на вработени како на 31.12.2020 има обврска да врати 20% од вкупниот износ на финансиска поддршка во Буџетот на РСМ.
Секој правен субјект кој ќе аплицира и ќе му бидат исплатени средства од овој повик, ако на 31.12.2021 има зголемен број на вработени споредено со 31.12.2020 нема обврски за враќање средства во Буџетот на РСМ.
6. Образец за аплицирање
Субјектите до Владата на Република Северна Македонија - Генерален секретаријат доставуваат ПРИЈАВА на образец кој е составен дел на овој повик.
7. Оценување на пристигнатите пријави:
Комисија формирана од Генерален Секретаријат и Министерството за Економија ќе ги разгледува поднесените барања и ќе изготви извештај од евалуација, и пресметка за исплата на усвојување до Владата на Република Северна Македонија. Барањата кои нема да ги содржат потребните податоци согласно овој јавен повик, ќе се сметаат за некомплетни и нема да се разгледуваат.
8. Начин и рок за аплицирање
Пријавата се доставува во еден оригинален примерок заверен и потпишан од страна на одговорното лице на субјектот, како и изјава со која подносителот на пријавата прифаќа целосна морална, материјална и кривична одговорност за точноста на податоците наведени во пријавата.
Во прилог на пријавата треба да се достави:
- Копија од тековна состојба од уписот во регистарот на други правни лица за регистрација на правното лице не постара од шест месеци; (може да се аплицира електронски или директно во Централен регистар);
- Копија од завршната сметка (биланс на состојба и биланс на успех) за 2020 година и копија од завршна сметка (биланс на состојба и биланс на успех) за 2019 година, освен за туристичките агенции регистрирани во 2019 и 2020 година кои пријавата може да ја поднесат без приложена завршна сметка.
- Потврда од Управата за јавни приходи за платени јавни давачки за 2020 година согласно закон (може да се преземе електронски или директно во Управата за јавни приходи);
- Листинг на вработени - преглед на пријави/одјави во задолжително социјално осигурување за деловен субјект (барањето може да се преземе во Агенцијата за вработување или електронски преку порталот на АВРСМ);
- Лиценца за работа (документ издаден од Министерство за економија).
Пријавата се доставува во затворен плик преку пошта на адреса: Влада на Република Северна Македонија – Генерален секретаријат, бул. „Илинден“ бр.2, 1000 Скопје или преку предавање во архивата на Владата секој работен ден од 08:00 до 16:00 часот.
На предната страна на пликот во горниот лев агол да пишува „НЕ ОТВОРАЈ”, а под тоа „ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА НА ТУРИСТИЧКИ АГЕНЦИИ”
Барањата кои нема да ги содржат бараните податоци на овој јавен повик или доколку не пристигнат во рамките на рокот за поднесување, ќе се сметаат за некомплетни и/ненавремени и нема да се разгледуваат.
Рокот за поднесување на пријавите е најдоцна до 25 мај 2021 година.