Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, одржа онлајн средба со шефицата на мисијата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) за нашата земја, Берглјот Бјорнсон Баркбу, резидентната претставничка на ММФ за Западен Балкан, Штефани Ебле и економисти на ММФ во Вашингтон.
На состанокот се дискутираше за изгледите за економски раст во земјава согласно разговорите што ги имаше мисијата на ММФ во последниве десеттина дена. Во фокус беше монетарната и фискалната политика како и инвестицискиот план и среднорочната фискална стратегија.
Премиерот Заев истакна дека високо ја цени соработката со ММФ и сите препораки во насока на континуиран економски напредок и креирање на поволен деловен амбиент. Тој се осврна на досегашните заложби и мерки на Владата за справување со ефектите од пандемијата, кои дадоа добри резултати, се поддржа стопанството, работните места, како и ранливите категории граѓани. Премиерот Заев на средбата информираше и за позитивните трендови во земјата кои даваат сигнал на стабилизирање на економија, зајакнување на довербата кај инвеститорите, како и за растот на извозот, на индустриско производство, внатрешниот промет, како и на просечната месечно исплатена нето плата.
Во врска со проекцијата за економски раст премиерот Заев информираше дека согласно владините проекции економски раст ќе остане на 4,1% за 2021 година, што е на линија со проекциите на ММФ од 3,8 %, Народната банка од 3,9% и на Европската комисија од 3,7%.
Премиерот Заев подвлече дека заложбите на Владата се максимално насочени кон економски развој со фокус на енергетска транзиција, инвестиции во обновливи извори, гасификација. На состанокот се дискутираше и за придобивките од влезот во НАТО што за инвеститорите е позитивен сигнал, бидејќи ја зголемува предвидливоста и сигурноста на деловниот амбиент за нови инвестициски вложувања кои веќе се најавени во земјава.
На состанокот беше заклучено и дека со стивнувањето на пандемијата и масовната вакцинација се дава силен стимул дека економијата се враќа на патеките на економски раст.