Катар Петролеум заинтересиран за инвестирање во Македонија
Владината делегација, предводена од премиерот Никола Груевски, денеска (вторник, 27.03.2012 година) оствари средба со катарска владина компанија за нафта и природен гас Катар Петролеум, предводена од претседавачот Абдула Хамад Ал Атијах.
Главен фокус беше ставен на заедничката иницијатива за можност за инвестиции на компанијата во трговијата со нафта и нафтени деривати. Стана збор за проект за отворање на 20 бензински пумпи на територијата на Република Македонија, за кои нашата земја има обезбедено дел од локациите, а останатиот дел ќе биде обезбеден во идниот период во соработка со општините. Катарската компанија изрази сериозен интерес за реализација на проектот за која цел најавија дека во идниот период ќе испратат претставници кои заедно со членовите на македонската Влада ќе работат на заокружување на процесот и процедуралните, технички и комерцијални моменти.
Беше разговарано и за можноста за испитување на наоѓалишта на нафта и природен гас во Македонија, како и за учество во изградбата на секундарниот и терцијарниот систем за гасификација, преку разни модалитети на инвестиција, партнерство или докапитализација на гасоводните или пак електро-енергетските објекти. Соговорниците се осврнаа и на проектот на докапитализација на ЕЛЕМ, за кој проект постои сериозен интерес од катарска страна, а претставници на Катар Енергија и Води ќе остварат посета на Македонија за да учествуваат во анализата на економските и техничките перформанси за унапредување на процесните дејства.
Владината делегација оствари средба и со катарската компанија Катар Ервејс на која стана збор за опциите за отворање на директна линија Доха-Скопје, или пак можноста за предвидувањето на Скопје како пропратна дестинација кон крајната цел на летовите на катарскиот авиопревозник. Во идниот период ќе продолжат контактите за дополнителни анализи на понудените опции.
Со овие средби, владината делегација ја завршува политичко-економската посета на Катар, на која од страна на катарските власти и компании се изрази сериозен интерес за инвестиции во енергетиката и рударството, недвижностите, земјоделството и туризмот, и тоа во областа на конкретно понудени проекти за изградба на енергетски системи и објекти, испитувања на наоѓалишта на нафта, природен гас и метали, развој на туристичките зони и центри, извоз на македонски земјоделски производи во Катар, и изградба на објекти за домување и комерцијална употреба. Посетата е оценета како успешна, а процесите ќе бидат унапредени преку посетата на специјална катарска делегација на Република Македонија која има за цел да оствари дополнителни теренски анализи и напредок во реализацијата на проектите.