Соработката што се гради врз основа на образование продуцира долготрајно пријателство, заедничко разбирање и солидарност. Двете пријателски земји, Република Северна Македонија и Република Турција во континуитет ги унапредуваат билатералните односи и меѓусебно се поддржуваат, а токму во сферата на образованието бележат одлична соработка, беше констатирано на денешната средба на министерката за образование и наука Мила Царовска со претседателот на Големото народно собрание на Република Турција, Мустафа Шентоп, во Анкара.
Наш приоритет е образование за секое дете. Создаваме услови за негување на интересите, потребите и културните особености на сите етнички заедници кои живеат во нашата држава, а посебно сме горди на интегрираноста на турската заедница во образованието. Настава на турски јазик се реализира во повеќе основни и средни училишта, а турскиот јазик се изучува и во високото образование. Мултиетничката и мултилингвална средина придонесува учениците да се изградат во граѓани кои ќе живеат едни со други, а не едни покрај други.
Интеркултурноста е и еден од клучните принципи на образовната реформа што се спроведува во Северна Македонија, а внесувањето содржини кои ги промовираат културните карактеристики на различните етнички и религиски заедници кои живеат во нашата земја овозможуваат продуктивен соживот, посочи министерката Царовска, заблагодарувајќи се на несебичната поддршка на пријателскиот турски народ во досегашниот период.
Претседателот на турското Собрание, Мустафа Шентоп истакна дека Република Турција продолжува да биде меѓународен партнер кој го поддржува напредокот на државата во сите сфери. Северна Македонија и Турција имаат формализирано и ратификувано неколку протоколи за соработка во областа на образованието и за научно-техничка соработка. Шентоп се осврна на турскиот придонес во работата на образовните институции од сите нивоа во нашата земја, како и на поддршката за македонски студенти на универзитетите во Турција, нагласувајќи ја важноста на образовните политики во продуцирањето кадри оспособени за решавање на проблеми со кои ќе се соочуваат во иднина.
Во делегацијата на Република Северна Македонија се и заменик министерот Арафат Шабани и државниот советник за образовни политики Ѓонул Бајрактар.