Попоски присуствуваше на отворањето на првиот македонски почесен конзулат во чешкиот град Храдец Кралове

Во чешкиот град Храдец Кралове денеска беше отворен првиот македонски почесен конзулат. На отворањето присуствуваше и министерот за надворешни работи Никола Попоски кој престојува во дводневна работна посета на Прага.

Прв македонски почесен конзул во Чешка, за регионот Источна Бохемија е Јиржи Флидр, претседател на бордот на директори и генерален директор на компанијата „Зву Потез“, која се занимава со првоизводство на опрема за дизајн и производство на пиво, фабрики за шеќер и за индустријата за храна.

Во моментов седиштето на македонскиот почесен конзулат е во зградата на компанијата „Зву Потез“, а се најавува дека конзулатот наскоро да добие нова локација.

- Моја главна задача ќе биде да ги спојувам претставиците на бизнис заедниците од Чешката Република и Република Македонија бидејќи има простор за интензивирање на соработката, изјави Флидр.

На отворањето на почесниот конзулат присуствуваа и амбасадорот на Република Македонија во Прага Игор Илиевски и македонски дипломати.

Во рамки на работната посета на Прага, шефот на македонската дипломатија утре ќе се сретне со својот чешки колега Карел Шварценберг, а ќе биде примен и од премиерот Петр Нечас. Тој ќе има средба и со членовите на Комитетот за надворешн работи во Пратеничкиот дом и на Комитетот за надворешни работи, одбрана и безбедност на Сенатот. Предвидено е министерот за надворешни работи Попоски да одржи предавање насловено „Македонија на патот на НАТО и ЕУ: Чукање на отворена врата“ во Институтот за меѓународни односи.