Фиксна телефонска линија од 150 денари за корисниците на социјална помош
Корисниците на социјална помош ќе може да користат фиксна телефонска линија за 150 денари годишно. Станува збор за социјален пакет што ќе го нуди Македонски телеком специјално наменет за оваа категорија граѓани.
За активирање на тарифниот модел неопходен е ваучер од 150 денари, а износот на кредитот корисникот може да го искористи за разговори во текот на целата година. Во рамки на понудата корисниците на социјална помош кои имаат потреба само од говорни услуги можат да земат бесплатна припејд фиксна телефонска линија од Македонски телеком. За припејд тарифниот модел не се наплаќа еднократен надоместок и корисниците не се обврзани да потпишуваат долгорочен договор со компанијата.
По искористувањето на ваучерот корисникот ќе може да прима дојдовни повици во текот на една година од активирањето на последниот ваучер, а исто така ќе може да ги повикува и службите за итни повици како Полиција, Противпожарна служба, Брза помош и Центарот за известување и тревожење.
Ваучерите ќе бидат достапни во сите продажни места на Македонски телеком, а со потврда од центрите за социјална помош ќе се докажува дека лицето е примател на социјална помош.
Главниот извршен директор во Македонски телеком Даниел Сас на денешната прес-конференција, на која заедно со министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски го промовираа новиот тарифен модел, истакна дека креирањето на тарифниот модел е со цел да им се излезе во пресрет на барањата на граѓаните кои имаат потреба од комуникација, а имаат ограничен буџет.
- Поаѓајќи од фактот дека живееме во едно динамично време, секој од нас станува зависен од комуникацијата и од користењето мобилни телефони и интернет во движење. Овој начин на комуникација е неопходен во современиот живот, но, за жал, многумина не можат да си ги дозволат не само современите алатки, туку немаат пристап до основното средство за комуникација, односно фиксниот телефон, рече Сас.
Министерот Ристовски му се заблагодари на Македонски телеком за иницијативата и креирањето на ваков тарифен модел со кој ќе и се овозможи на оваа категорија граѓани да биде составен дел во светот на комуникациите.
- Македонски телеком со цел да им излезе во пресрет на барањата на корисниците кои имаат поинакви потреби и можности воведе нов тарифен модел којшто е исклучиво поволен и специјално наменет за социјално ранливата група граѓани, рече Ристовски.
Се проценува дека во државата има околу 40 илјади семејства кои примаат социјална помош.