Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев денеска во Тирана учествуваше на Самитот на земјите од Западен Балкан чиј домаќин беше премиерот на Албанија, Еди Рама.
На маргините на Самитот двајцата шефови на влади го потпишаа Договорот за воспоставување заеднички гранични и царински контроли на граничните премини меѓу Република Албанија и Република Северна Македонија.
Во изјавата за медиумите премиерот Заев истакна дека Договорот е уште еден чекор во градењето на одличните односи помеѓу Северна Македонија и Албанија кои како добри пријатели и соседи го имаат како приоритет олеснувањето на меѓуграничниот проток во интерес на граѓаните и на деловните заедници на двете земји.
„Навистина е задоволството кога двајца многу добри пријатели коишто водат извршна власт на две одлични земји по своето пријателство ќе направат чекор кон збогатување и усовршување на тоа пријателство. Со потпишувањето на денешниот договор завршуваме еден сериозен процес на којшто работеа нашите Влади за да го отвориме „one stop shop“ терминалот каде што нашите граѓани ќе го преполоват своето чекање во делот на поминувањето на нашите граници, но пред сѐ и над сѐ, ќе се создадат услови за остварување на четирите европски слободи за слободен проток на стока, луѓе, капитал на услуги“, рече премиерот Заев во своето обраќање по потпишувањето на договорот.
Во таа насока воспоставување заеднички гранични и царински контроли на граничните премини меѓу Република Албанија и Република Северна Македонија ќе придонесе за зголемување на пропусната моќ на преминот за стокови пратки, за намалување на времето потребно за вршење на гранични формалности и значително ќе ја подобри инфраструктурата за примена на современи средства за контрола.
„Јас верувам дека колку повеќе ги усовршуваме административните капацитети и ја пренесеме довербата комплетно на институциите едни помеѓу други, како што впрочем и тоа постои, само со завршување на административните процедури ќе овозможиме да расте нашата трговија, нашата соработка, да се унапреди дополнително пријателството меѓу двата народи и да продолжиме заедно да држиме така да кажам европски лекции затоа што нас нé врзува сегашноста нé врзува и иднината“, нагласи Заев.
Претседателот на Владата Заев уште додаде дека двете земји како членки на НАТО, партнери, меѓусебно се помагаат и заедно се исправени пред предизвикот на следниот чекор на нашите процеси кон европските интеграции.
„Убедени сме дека секојдневно даваме само повеќе аргументи на европските пријатели за да донесат конечно позитивна одлука. Друг пат за нас нема, тоа е патот кон ЕУ затоа што нашите граѓани ги сакаат европските вредности да ги живеат овде, во Албанија, во Тирана, во Северна Македонија, во Скопје. Ќе продолжиме на тој начин да работиме сé со конечна цел да оствариме што е можно поголема благосостојба, поголем економски просперитет и поголема среќа за Албанците, за македонскиот народ и сите етнички заедници кои што живеат во Северна Македонија. Драго ми е што денес, после овој Самит навистина можеме да завршиме една ваква посета со ваков договор и да испратам порака до нашите граѓани, до стопанствениците да ги користат придобивките од заедничките гранични и царински контроли, да ги мотивира да прават уште поголема трговија и соработка затоа што само така и животот ќе ни биде подобар и посреќен на сите“, рече премиерот Заев.
Премиерот на Република Албанија, Еди Рама од своја страна потенцираше дека овој договор значително ќе го олесни движењето меѓу граѓаните на двете држави.
„Сакам и јавно да му се заблагодарам од сè срце на Премиерот за неговиот енергичен пристап до крај и за неговата непоколеблива волја да го придвижи овој процес напред, како на билатерален аспект, така и на регионално ниво, и секако ја користам оваа прилика да му се заблагодарам за неговото доаѓање и присуство овде заедно со целиот свој тим“, рече премиерот Рама на церемонијата по повод потпишувањето на Договорот за воспоставување заеднички гранични и царински контроли на граничните премини меѓу Република Албанија и Република Северна Македонија.