Премиерите Заев и Јанев од заедничката прес-конференција: Имаме исчекор, низ отворен и искрен дијалог ќе работиме да биде обезбедена европската перспектива на Северна Македонија

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, придружуван од заменик-претседателот задолжен за европски прашања Никола Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи, остварија средба со претседателот на службената Влада на Република Бугарија Стефан Јанев и со дел од министрите на бугарската Влада.

На билатералната средба на двете делегации и претходеше тет-а-тет средба на премиерите Заев и Јанев.

Претседателите на владите на двете земји одржаа и заедничка прес-конференција на која премиерот Заев изрази задоволство од укажаната можност да се сретне со неговиот колега Јанев со што е создадена извонредна можност да се разговара за билатералните прашања од интерес на двете земји.

„Заедно треба да го најдеме решението. Ние сме одговорни политичари и се договоривме дека нашите разговори треба да се фокусираат на суштината на можните решенија и дека до таа цел ќе стигнеме преку  патоказот, преку секторската соработка што ја организираат и спроведуваат работните тела преку министерствата за надворешни работи на двете земји“, истакна премиерот Заев на заедничката прес-конференција.

Заев дополни дека во текот на разговорите денеска бил заеднички консултиран и предлогот на португалското претседателство со ЕУ.

„И самата средба денеска е исчекор кон изнаоѓање решение кој е насочен да биде од интерес на двете страни. Само така ќе имаме поддршка од граѓаните на двете земји. Апелирам до братскиот народ во Бугарија преку своите лидери да продолжат со поддршката за Република Северна Македонија на патот кон нејзиното членство во ЕУ затоа што нашата земја нема друга алтернатива. Најважно од сé е што веруваме во европските вредности“, рече премиерот Заев на заедничката прес-конференција со претседателот на службената Влада на Бугарија Стефан Јанев.

Премиерот Јанев на прес-конференцијата подвлече дека Република Бугарија ја поддржува Република Северна Македонија на патот кон европското семејство и дека во овој момент има  прозорец на можности за отворен и искрен дијалог кој во наредните денови треба да донесе взаемно прифатливи решенија со кои ќе се овозможи да биде продолжена европската перспектива на Северна Македонија.