„Еколошката такса е наш одговор за грижата за животната средина и на повикот на граѓаните да преземеме мерки во однос на ова важно прашање, и затоа сите пари прибрани од оваа такса ќе одат во Еколошкиот фонд кој ќе ја помогне праведната транзиција од фосилните кон енергенсите од обновливи извори на енергија“, истакна претседателот на Владата Зоран Заев во интервју за ТВ Телма.
Премиерот Заев објасни дека граѓаните и стопанствениците не треба да бидат загрижени дека оваа мерка ќе ги зголеми цените на моторните горива.
„Оваа мерка никој не би ја донел во време на изборна година и треба граѓаните да знаат дека влијанието на оваа мерка нема да биде поголема од 0,07%. Со падот на цената на нафтата на светските берзи се анулира висината на акцизата од 3 денари која ја воведовме заради ублажување на последиците од КОВИД-19 и со тоа навистина не се очекува поголемо влијание на цената заради еколошката такса“, елаборираше премиерот Заев.
Тој додаде дека и со новата вредност на еколошката такса за нафтените деривати, Северна Македонија и понатаму има најниска такса за доследна примена на начелото „загадувачот плаќа“ и за прибирање на потребните средства за преземање на мерки и активности за заштита и унапредување на животната средина.