Електронски софтвер ќе ги открива двојните договори за откуп на тутун
Министреството за земјоделство, шумарство и водостопанство наскоро ќе инсталира специјален електронски софтвер кој ќе ги открива производителите на тутун кои за реколтата 2012 година склучиле двојни и тројни договори со откупните компании. Согласно законските одредби, за нив ќе следува соодветна казна.
Ова го соопшти министресот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски на денешниот работен состанок со откупувачите на тутун на кој се разговараше за неодамнешните предлози на тутунопроизводителите за зголемување на откупните цени и за подготовките за новата производствена сезона.
Тој додаде дека Владата на Република Македонија во изминативе години, преку субвенции, од буџетот издвои значителна сума пари за поддршка на производството на тутун и затоа ќе се вложат максимални напори за годинашниот откуп да се почитува Законот за тутун и Правилникот за откуп и од страна на производителите и од страна на откупувачите.
Во соопштението од МЗШВ се посочува дека откупувачите го информираа министерот дека кај најголемиот дел од нив постои интерес за продолжување на ланскиот пилот проект за ран откуп на тутун. Како што посочија тие, проектот имал добар одѕив и кај производителите и дека и здруженијата на тутунари покажале интерес за негово продoлжување и оваа година.
Тие дадоа поддршка на иницијативата на Министерството за инсталирање електронски софтвер за евидентирање на двојните договори кои што ќе ги склучат производителите на тутун, зaшто, како што истакнаа, тоа им создава големи проблеми, ги нарушува плановите за откуп и договорите кои тие ги имаат склучено со големите компании. Позитивно го оценија и воведувањето евидентни листови, со кои, како што потенцираа, ќе се зајакне контролата и надзорот во производството на оваа култура.
- За да ставиме поголем ред во производството и откупот на тутун, направивме измена во Правилникот за откуп. Бидејќи е новина воведувањето на евидентни картони, годинава Владата одлучи да им излезе во пресрет на барањата на земјоделците за поедноставување на процедурата за обезбедување евидентни листови за пријавено производство на тутун. Со измените на Правилникот земјоделците сега ќе можат да обезбедат евидентен лист и со поседовен или имотен лист на име на производителот на тутун или на име на нивни родители или со договор за закуп ако тутунот не го произведува на сопствено земјиште или на земјиште на сопственост на родителот, појасни министерот.
Тој изрази задоволство од информацијата која што ја доби од откупните компании дека на барање на производителите за новата откупна сезона неколку од компаниите ги зголемиле откупните цени по класи.