Дански инвеститори заинтересирани за вложувања во Македонија
Министерот за локална самоуправа Невзат Бејта денеска се сретна со лидерите на Центарот за развој „Маркиз“, Констатин Маротис и Тони Мортенсен бизнисмени од Данска заинтересирани за инвестирање во Македонија.
Како што информира Министерството за локална самоуправа, Бејта бил запознаен со плановите на оваа компанија за изградба на мултидисциплинарен центар за здравство, туризам, за управување со отпад, одгледување риба и за други области.
Според нив, од овој проект придобивки ќе имаат компанијата, општините каде ќе се инвестира и регионот во целост. За неговата реализација, како што се посочува, очекуваат потпишување договори со општините Струмица, Радовиш и Валандово.
Министерот Бејта ја поздрави иницијативата и нагласи дека Министерството за локална самоуправа ќе даде поддршка и помош за овој проект.
- Ваквите мултидисциплинарни проекти се интересни за Република Македонија и за целиот регион и ние ќе ве поддржиме за инвестирање во Македонија, рече Бејта.