Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев денеска присуствуваше на стартот на работите на новиот градски пазар во Виница кој доаѓа како одговор на искажаниот интерес на граѓаните на Општината.
„Како еден од најзначајните капитални проекти за граѓаните на општината и за сите околни места, изградбата на градски пазар во Виница е од интерес и за регионот бидејќи неспорно е дека се создава пазаришен центар кој ќе биде од интерес на земјоделските производители и трговците од целиот регион. Станува збор за изградба на градски пазар кој има покриен и отворен дел и кој сега станува реалност иако беше претходно повеќе пати ветуван“, истакна премиерот Заев на настанот во Виница.
Во сите делови, додаде премиерот Заев, проектот ја предвидува оптималната функционалност за вакви објекти и со примена за сите потребни стандарди за овој тип комерцијални објекти кој води грижа и за придружните потреби на граѓаните како што е паркинг просторот и пријателски пристап за лицата со посебни потреби.
„Забележлива посебност на проектот за градскиот пазар е и неговата архитектонска вредност што ќе го направи објектот еден од најпрепознатливите во градот“, нагласи претседателот на Владата Зоран Заев на настанот по повод почетокот на работите на изградбата на градскиот пазар во Виница.
Како Влада, рече уште премиерот Заев, се обврзавме да ја зајакнеме децентрализацијата, да овозможиме максимално можен трансфер на надлежности од централно на локално ниво и тоа да го сториме со соодветен трансфер на финансиски средства за нивно извршување.
„Со проектот што го предложи Општина Виница, и кој Владата прифати да го финансира со средства од ТАВ програмата, ќе бидат заменети старите водоводни цевки со нови полиетиленски, со што ќе се подобри квалитетот на водата за пиење и ќе се обезбеди долгорочност на водоводната мрежа“, потенцираше премиерот Заев, и додаде дека Владата во соработка со Општина Виница финансиски учествуваше во изградбата и реконструкцијата на локална патна инфраструктура, водоснабдителна мрежа, во изградбата на спортски објекти, и сето тоа за подобрување на животот на граѓаните и за поддршка на економскиот развој.
Градоначалникот на Виница Ивица Димитров во своето обраќање истакна дека капиталните инвестиции, вложувањата во инфраструктурни проекти на локално ниво се предуслов за подобрување на животот на нашите граѓани и остануваат приоритет за него како градоначалник.
„Затворениот градски пазар ќе биде лоциран на точно на местото од каде што пред 3 години заедно со Премиерот најавивме дека до крајот на мандатот ќе се започне со изградба на нов современ градски пазар, кој во последните 30 години е приоритет и потреба од повеќе аспекти за граѓаните на Општина Виница. Вредноста на овој капитален проект изнесува 29 милиони и 300 илјади денари, истиот ќе се протега на површина од 1810 м2, на 2 нивоа, составен од отворен и затворен дел“, информираше градоначалникот Димитров.