Од 88-мата седница на Владата: Утврден Предлог-законот за опојни дроги; Започнува затворањето на дивите депонии во источниот и североисточниот регион; Се проширува опфатот за финансиска поддршка на инвестициите

Владата на Република Северна Македонија на денешната 88-ма седница го утврди текстот на Предлог-законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции во кој се транспонирани повеќе рамковни одлуки и директиви на Европскиот Парламент и на Европскиот Совет за усогласување на оваа дејност со регулативата на ЕУ, како и со повеќе конвенции како што се Единствената конвенција за наркотични дроги на Обединетите нации од 1961 година со Протокол за дополнување од 1972; Конвенцијата за психотропни супстанции на Обединетите нации од 1971 година и Конвенција на Обединетите нации против недозволена трговија со опојни дроги и психотропни супстанции од 1988 година.

Една од новините во предложените законски решенија, која произлегува од овие усогласувања, е формирање на Агенцијата за контрола на одгледувањето и екстракцијата на канабис и производство на канабис и препарати од канабис за медицински и научни цели која работите од својата надлежност, ги врши врз основа на начелата на законитост, стручност, професионалност, одговорност, ефикасност и транспарентност.

Решенијата содржани во предлогот на законот, покрај тоа што се усогласени со правото на ЕУ и со меѓународните акти, содржат и сопствени национални решенија кои се во функција на регулирање и соодветна практична имплементација на предметниот закон што ќе обезбеди подобра контрола на опојните дроги и психотропните супстанции.

Оттука, со предлог на законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции се овозможува извоз на сув цвет добиен со одгледување на канабисот за медицински цели така што на правните лица одгледувачи на канабисот им е овозможено веќе произведените количини на сув хербален производ како опојна дрога да ги пласираат на пазарите во Европа и пошироко при тоа почитувајќи ги меѓународните конвенции и европското законодавство што ја регулира материјата.

Уште една значајна новина во Предлог-законот за опојни дроги е обврската на компаниите со лиценци за одгледување канабис во медицински цели да уплатуваат средства во висина од 10% од нето добивката остварена во тековната година на соодветна сметка во Буџетот на Република Северна Македонија.

Средствата собрани на оваа посебна сметка ќе бидат наменети за проекти од јавен интерес како што се поддршка на фондот за ретки болести, поддршка на фондот за медиуми, како и на програмските приоритети во спортот, културата, граѓанскиот сектор, како и за поддршка на работата на новопредвидената Агенција.

На оваа своја седница Владата, врз основа на информацијата за статусот на реализација на подготвителните активности поврзани со проектот за затворање на нерегуларните депонии и ѓубришта во источниот и североисточниот регион, донесе Одлука за затворање на дивите депонии и ѓубришта во 18 општини од источниот и североисточниот регион со која се опфатени и над триесеттина диви ѓубришта.

На денешната 88-ма седница, Владата донесе Одлука за утврдување на статус на стратешки инвестиционен проект на Друштво за трговија и услуги „Зока енерџи солушн увоз“ од Неготино.

Одлуката е донесена врз основа на предлогот на Комисијата за стратешки инвестициони проекти која што го разгледа целокупното барање и документација и изврши техничка, финансиска и правна процена на досието на проектот за проектот „Фабрика за производство на зелена енергија“ и врз основа на утврденото дека проектот ги исполнува условите согласно Законот за стратешки инвестиции да се стекне со статус на стратешки инвестиционен проект.

Владата денеска ги утврди и измените и дополнувањата на Законот за финансиска поддршка на инвестиции.

Со предложените измени и дополнувања се уредуваат видовите, висината, условите, начинот и постапката за доделување на финансиска поддршка на инвестициите на деловните субјекти кои ќе инвестираат во Република Северна Македонија и ја содржи шемата за државната помош.

Со овие измени и дополнувања, меѓу другото, се прошируваат видовите на финансиска поддршка за технолошки развој и истражување, поддршка за инвестициони проекти од значаен економски интерес, поддршка за преземање на претпријатија во потешкотии и конкурентност на пазарот и се регулира финансиската поддршка на државјани со постојан и привремен престој во и вон земјата, а воедно се балансираат и условите за рамномерен регионален развој.

По завршената амандманска расправа во комисиите на Собранието, Владата го дополни предлогот за изменување и дополнување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2021 година, односно ребалансот кој со овие дополнување ќе биде вратен за да биде усвоен на пленарна собраниска седница.

Приоритетите до крајот на 2021 година ќе бидат насочени кон справување со последиците од пандемијата, преку зголемување на обемот на инвестициите со директна поддршка на активностите на компаниите, отворање на нови работни места преку активните мерки за вработување, како и поддршка и развој на микро, мали и средни претпријатија. Ова подразбира дека поддршката ќе се реализира преку креирање развојни фондови и слични инструменти за поддршка на извозни компании, мали и средни претпријатија, како и социјални претпријатија.

И понатаму останува определбата за поддршка на економијата со инвестиции на инфраструктурни проекти, редизајнирање на структурата на јавните финансии преку зголемено учество на капиталните расходи, како и зајакнување на процесот на планирање, извршување и известување за јавните финансии.

На денешната седница е донесена и Одлуката за распределба на средствата од Буџетот на Република Северна Македонија за 2021 година наменети за финансирање на програмските активности на здруженија и фондации.

Со оваа одлука се врши распределба на 19.800.000 денари од планираните средства во Буџетот на Република Северна Македонија за 2021 година на 33 здруженија на граѓани за проекти распределени во 7 приоритети, и тоа:

Приоритет 1: Обезбедување забрзан и одржлив економски раст, повисок животен стандард и квалитет на живот на граѓаните, со вкупно доделени 6.600.000 денари;
Приоритет 2: Справување со светската пандемија предизвикана од КОВИД-19, со вкупно доделени 6.000.000 денари;
Приоритет 3: Заштита на животната средина, зелен развој, намалување на аерозагадувањето и влијанието на климатските промени, со вкупно 1.800.000 денари;
Приоритет 4: Владеење на правото, независност на правосудството, доследна и неселективна борба против криминалот и корупцијата со широка и обврзувачка транспарентност со 1.800.000 денари;
Приоритет 5: Квалитетно образование достапно за сите согласно побарувачката на пазарот на трудот со вкупно доделени 2.400.000 денари;
Приоритет 6: Модерна и ефикасна јавна администрација базирана на дигитализација која обезбедува квалитетни и брзи услуги за граѓаните и деловните субјекти со 600.000 денари; и
Приоритет 7: Успешно водење на пристапните преговори со Европската Унија со 600.000 денари.

Владата ја разгледа и усвои Информацијата за исплата на пензии за месец јули 2021 година и го задолжи Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија да ги достави податоците за пензиите до деловните банки најдоцна до 26.07.2021 година.

Владата им препорачува на деловните банки да обезбедат пензионерите да може да располагаат со јулските пензии преку мрежата на банкомати и во трговската мрежа од 27.07.2021 година, како и да обезбедат готовинска исплата на пензии за клиентите кои не користат картички, во четири групи според следниот распоред составен според висината на пензијата:

- За пензии со висина до 11.000 денари, исплатата да се изврши на 27.07.2021 година (вторник);
- За пензии со висина 11.001-14.000 денари, исплатата да се изврши на 28.07.2021 година (среда);
- За пензии со висина 14.001-18.000 денари, исплатата да се изврши на 29.07.2021 година (четврток); и
- За пензии со висина над 18.001 денари, исплата да се изврши на 30.07.2021 година (петок).