Владата денеска ќе ја одржи редовната 92 и три тематски седници

Владата на Република Северна Македонија денеска ќе ја одржи редовната 92 седница со повеќе точки на дневен ред и од својата програма за работа и од интерес на граѓаните.

На оваа седница, меѓу другото, ќе биде разгледана Информацијата за проектот за човечки капитал и изработка на стратегија за унапредување на човечкиот капитал во Република Северна Македонија, во соработка со Групација Светска Банка.

На дневен ред на денешната седница е и Информацијата за Оперативните насоки за мерка 27 - финансиска поддршка со креирање на мечинг фонд за претприемачи Роми.

На предлог на Министерството за здравство на седницата ќе биде ставена и усвојување и Предлог - програмата за дополнување на Националната годишна програма за јавно здравје во Република Северна Македонија за 2021 година.

За донесените одлуки и заклучоци од денешната Владина седница, јавноста ќе биде известена преку соопштение веднаш штом ќе биде завршена.

Редовната 92 седница се очекува да започне во 13:30 часот, а пред нејзиното одржување ќе бидат одржани три тематски седници: Тематска седница за 3-та група договори од пренаменети средства од Договорот со ТАВ (во 12:00 часот), Тематска седница за одбележување на 20 годишнина од Рамковниот договор (во 12:30 часот), и Тематска седница за процесот на институционална децентрализација (во 13:00 часот).

За секоја од тематските седници јавноста ќе биде информирана во посебни соопштенија веднаш по нивното одржување.