„Балканот повеќе не е темпирана бомба, туку симбол на пријателство, а регионалната иницијатива „Отворен Балкан" создава многу можности за подобар живот на граѓаните во сите земји во регионот“, вели премиерот Зоран Заев во интервју за српската агенција „Танјуг“.
Заев истакнува дека кога го кажува тоа ги пренесува мислите и на претседателот на Србија Александар Вучиќ и на премиерот на Албанија Еди Рама, додава дека во претстојниот период и покрај воздржаните или негативните реакции што доаѓаат од Приштина, Сараево и Подгорица, во врска со „Отворен Балкан“, Косово, Босна и Херцеговина и Црна Гора ќе се приклучат на иницијативата бидејќи сите истражувања покажуваат дека граѓаните на овие земји гледаат позитивно на потенцијалот на придобивките што го носи регионалната соработка и отворените граници.
„Единствените начини како ние можеме да го подобриме животот во регионот е да го донесеме тоа што го имаат граѓаните во Германија, во една Франција, во една Австрија, Италија, Швајцарија овде во регионот. Да го направиме и нашиот регион поврзан и заеднички и отворен пазар. За разлика од минатото кога преовладуваше политичко непријателство, кавги, проблеми сега сите заедно во „Отворен Балкан“ работиме на интеграцијата на регионот во ЕУ со забрзување на процесот за европски, поквалитетен живот за граѓаните“, истакна премиерот Заев во интервјуто за „Танјуг“.