Во Могила почна изградбата на училишна спортска сала
Во општина Могила денеска започнаа градежните работи за изградба на нова спортска сала за потребите за основното училиште „Гоце Делчев“, кое е дел од владиниот проект за изградба на 145 училишта и спортски сали. На поставувањето на камен темелникот присуствуваше и премиерот Никола Груевски кој посочи оти овој проект заедно со проектот на Агенцијата за млади и спорт ќе овозможи изградба на вкупно 180 спортски сали.
- Преку инвестирањето во вакви проекти создаваме една поинаква средина во која ќе растат нашите млади, средина во која ќе се спортува, ќе се води здрав живот и во која преку спортот младите ќа јакнат физички и карактерно и што е најважно ќе бидат оттргнати од пороците на современото време. Лично сум убеден дека со ваквата политика ќе дадеме огромен придонес во развојот на младите како движечка сила во македонското општество, истакна Груевски.
Тој посочи оти покрај инвестициите во спортот ќе се продолжи со реконструкција на училиштата на патиштата со вложување на поректи во областа на земјоделството, образованието и културата, кои се од значење за севкупниот локален и економски развој.
На настанот се обрати и министерот за образование и наука Панче Кралев кој истакна дека за спортската сала чија изградба чини 24 милиони деанри, средства се обезбедени од буџетот на Република Македонија и заем од Банката за развој на Советот на Европа. Објектот со површина од 650 метри квадратни ќе биде комплетно опремен со спортски помагала, со соблекувални, тушеви и други помошни простории и во него ќе можат да се изведуваат групни спортови, како и гимнастички вежби.
- Оваа сала е една од 53-те кои се започнати со владиниот проект за изградба на 145 училишни спортски сали. Од досега отпочнатите пак завршени се 21 сала, рече министерот Кралев.
Градоначалникот на општина Могила Славко Велевски истакна дека основното училиште „Гоце Делчев“ е изградено во 1965 година и досега немало спортска сала, а сите изминати генерации спортските активности ги изведувале кога налагале временските услови.
Премиерот Никола Груевски денеска го означи почетокот на изградба на училишна спортска сала во општина Новаци, а го пушти во употреба и локалниот пат Долно Оризари - Карамани - Трн во општина Битола во должина од 6,5 километри, што е дел од проектот на Владата за реконструкција на регионални и локални патишта. Попладнево во употреба ќе биде пуштена и нова училишна сала во општина Демир Хисар.