Нова спортска сала во Демир Хисар
Премиерот Никола Груевски денеска ја пушти во употреба новата спортска сала во Средното општинско училиште „Крсте Петков Мисирков“ во Демир Хисар, која е дел од капиталниот проект на Владата и Министерството за образование и наука за изградба на 145 училишни спортски сали низ цела Македонија.
Салата е со површина од 400 метри квадратни, располага со комплетна спортска опрема, како и со санитарни јазили и со туш кабини, гардероби, помошни простории за чување на спортски реквизити и канцеларија за професорите.
- За еден ден се случија три значајни спортски настани во битолско-демирхисарскиот регион. Една сала пуштивме во употреба, а две други почнуваат да се градат. Со ваков интензитет да се работело и во изминатите 20 години сигурен сум дека денеска немаше да има ниту едно училиште во Македонија без своја спортска сала и место за рекреација на граѓаните, порача премиерот Груевски на отворањето на салата.
Тој додаде дека спортската сала ќе и ја отстапат на Општина Демир Хисар и во неа покрај учениците од средното училиште ќе можат да ја користат спортските клубови од општината и рекреативците.
- Владата во овие тешки времиња наоѓа пари за изградба на спортски сали. Овие инвестиции еден ден ќе и се вратат на државата преку новите генерации спортисти и преку разните медали и освоени места на нашите репрезентации и конечно преку радоста и гордоста која ја има целокупната нација кога Македонија победува, рече премиерот Груевски.
Министерот за образование и наука Панче Кралев истакна дека со новата училишна сала во Демир Хисар се создаваат услови за непречено одвивање на наставата по спорт и спортски активности за 270-ученици во училиштето.
- Од досегашната реализација на владиниот проект за изградба на 145 спортски сали отпочнати се со градба вкупно 53, од кои 21 се целосно завршени и активно се користат. Со ваквите инвестиции ќе се надмине долгогодишниот проблем на обезбедување основни услови за одржување на наставата по предметот спорт и спортски активности, рече Кралев.
Градоначалникот на Општина Демир Хисар Тони Ангелевски изјави дека во Демир Хисар по повеќе од 35 години се гради спортска сала во училишен објект. Тој додаде дека во родното село на Даме Груев, Смилево, пред неколку дена започна реализацијата за реновирање и адаптација на фискултурната сала, санитарниот јазол и другите помошни простории во ОУ „Даме Груев“.
Владата и општината во последниве три години, додаде, во разни проекти за модернизација на образованието во Демир Хисар вложиле речиси половина милион евра.