Денеска заменикот на Претседателот на Владата задолжен за борба против корупција, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, присуствуваше на работилницата на експертската работна група, којашто го подготвува предлог Законот за потекло на имот, формирана од кабинетот на вицепремиерот Николовски и Советот на Европа. Подготовката на драфт везријата на предлог Законот е во финална фаза. Предлог законското решение предвидува одредби кои овозможуваат проверка на потеклото на имот доколку постои сомнеж за начинот на кој е стекнат. Со ова законско решение, за прв пат се воведува контрола на капиталот, со што се отвора патот за конфискација на нелегално стекнатиот имот и се спречува незаконско богатење врз грбот на граѓаните.
„Институциите ќе бидат алармирани во случај да се појави разлика поголема од предвидениот праг меѓу оданочениот приход и имотот, при што потеклото на имотот ќе биде испитано по службена должност. А освен тоа, институциите ќе можат да постапуваат и по поднесени пријави и претставки за сомнеж за нелегално стекнат имот. Се што ќе се утврди дека е нелегално стекнато, ќе биде конфискувано, и како што предвидуваат законите – компензирано на државата за направената штета“, посочи вицперемиерот Николовски на средбата којашто ја оствари со работната група.
На одредбите од новиот предлог Закон за потекло на имот, подлежат не само носителите на јавни функции, туку сите граѓани. Конкретно, секој ќе треба да докаже на кој начин го стекнал имотот и капиталот, во случај кога постои сомневање дека ги надминува своите редовни одданочени приходи. Ако лицето не го докаже потеклото на имотот, истиот со одлука на судот, ќе се конфискува.
Со овој нов Закон што за прв пат се носи во нашата држава, се надминуваат досегашните системски пречки за проверка на имотот и на лицата кои повеќе не се фунцкионери. Одредбите од новиот закон предвидуваат уште една крупна антикорупциска мерка, а тоа е увид во имотната состојба на поранешните функционери. За разлика од сегашната обврска избраните и именуваните лица да поднесуваат анкетен лист за имотната состојба додека трае нивниот мандат, ваквата обврска сега добива поширок опфат во смисла на времетраењето на увидот во имотната состојба. Една од новините во драфт законската верзија е што испитување ќе се врши и доколку имотот е префрлен на трети лица.
Предлог-текстот е креиран од работна група која ја сочинуваат претставници на Советот на Европа, Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, претставници на сите институции вклучени во борбата против корупцијата и правни експерти. Од предлог-законското решение произлегуваат одговорности и ингеренции за Управата за јавни приходи, Управата за финансиско разузнавање, Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
Законот има за цел да ги ефектуира владините заложби за сузбивање на корупцијата и да го заштити јавниот буџет од било какви корозивни влијанија, какво што е и незаконското богатење.