Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев денеска присуствуваше на настанот по повод отпочнувањето на изградбата на мостот на улицата „Љубљанска“.
На настанот, на кој присуствуваа и првиот заменик-претседател и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, заменик-претседателот за економски прашања Фатмир Битиќи, градоначалникот на Скопје Петре Шилегов, градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев, претставници на менаџерскиот тим на компанијата ТАВ, премиерот Заев истакна дека изградбата на мостот на улицата „Љубљанска“ е уште еден чекор со кој главниот град на нашата држава Скопје станува една поинаква приказна.
„Мостот на „Љубљанска“ е од исклучителна потреба на граѓаните и кој ќе поврзе два дела од градот во кои постои огромна динамика. Изградбата на мостот кој, преку реката Вардар, ќе ги поврзе улиците „Илинденска“ и „Скупи“, ќе ја растерети и избалансира сообраќајната фреквенција на овие две улици, и – најважно од сѐ - ќе овозможи брз пристап од скопската обиколница до Општина Карпош, како и подобро поврзување на оваа Општина со општините Ѓорче Петров, Бутел, Чаир и Шуто Оризари“, нагласи премиерот Заев.
Мостот на „Љубљанска“ ќе се протега на вкупна должина од 940 метри, поврзувајќи ги бул. „Илинден“ и ул. „Скупи“, а се очекува да биде готов во наредните 18 месеци. Мостот значително ќе го забрза и олесни движењето на сообраќајот во овој дел од градот, а со широчина од 24 метри и 4 коловозни ленти, вклучувајќи и пешачки и велосипедски патеки од двете страни, мостот на „Љубљанска“ е архитектонско решение кое ќе влијае позитивно на циркулацијата на возила во градот.
Мостот на „Љубљанска“ е прв автомобилски висечки мост во Скопје и ќе биде запаметен и како архитектонско решение, и ќе чини околу 6 милиони евра со средствата обезбедени од програмата ТАВ.
„На градоначалникот на Град Скопје Шилегов и на градоначалникот на Општина Карпош Богоев им честитам на изборот на проект од суштинско значење за граѓаните за да бидат најдобро искористени овие средства и ги охрабрувам да ги поттикнуваат изведувачите на проектот да го завршат во предвидениот рок од 18 месеци“, рече претседателот на Владата Зоран Заев на настанот по повод отпочнување на изградбата на мостот на „Љубљанска“.
Во својата изјава за медиумите на настанот градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов потенцираше дека во изминатите неполни 4 години мостот на „Љубљанска“ е вториот капитален проект од овој тип покрај мостот што ги поврзува Општина Аеродром и Општина Гази Баба кој веќе е во изградба.
Шилегов истакна дека мостот на „Љубљанска“ е од исклучително значење за развојот на градот и дека има важна функција во поврзувањето на граѓаните од повеќе општини со центарот на градот и дека е резултат на посветената работа на вистинските приоритети на граѓаните која останува определба и понатаму.
Градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев нагласи дека е важно што овој капитален проект станува реалност и дека со неговата реализација Општина Карпош останува да ја следи динамиката на градот и додаде дека во општината во тек се реконструкции на повеќе сообраќајници и учествува во рамномерниот раст на градот.