Европска култура

Владата гледа на културата како клуч во трансформацијата на нашето општество: промената на свеста, на навиките, на потребите, на однесувањето на сите граѓани. Принципите и вредностите на кои инсистираме во оваа програма се клучни европски вредности: негата на индивидуалните и колективните идентитети, заштитата на културното наследство, мултикултуралноста, грижата за различностите и ранливите граѓани, интеркултурниот дијалог, децентрализацијата, учеството и културната демократија. 
Владата ќе промовира политики на меѓусебно почитување и прикажување на различностите од едничката и културната припадност како предност на нашето општество. Во тој поглед ќе се води балансирана политика на развој на постојни и/или нови програми и институции за промоција на културните вредности на сите етнички заедници во нашата земја. 

На дваесетгодишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, а во име на внатрешната кохезија, 13 август ќе го прогласиме за Ден на Охридскиот рамковен договор и истиот ќе се одбележи под покровителство на Минитерството за политички систем и односи помеѓу заедниците.

Целта на Владата ќе биде да ја развиеме културата во сите нејзини сегменти. Да ги зајакнеме институциите кадровски, инфраструктурно, технички и програмски. Да ги подобриме условите за работа во вон-институционалниот сектор и да создадеме практики на соработка и синергии меѓу нив. Да го унапредиме социјалниот статус и на вработените и да го валоризираме авторскиот труд на сите ангажирани во културата. Да привлечеме повеќе публика и да им овозможиме на што повеќе граѓани да земат учество во културните активности. Истовремено, во согласност со европските трендови, предвидуваме мерки со кои ќе го искористиме потенцијалот на културата да придонесе во економскиот развој, особено на локално ниво. Ќе го засилиме присуството на креативните и критичките вештини во образовниот процес, но и во развојот на новите и иновативни бизниси. 

Културното наследство ќе игра клучна улога во нашите политики. Тоа го засилува чувството на припаѓање, на споделување заеднички вредности и традиции. Ја застапуваме европската идеја дека културното наследство е заеднички ресурс, кој ја подига свеста за нашата заедничка историја, која нè обединува како граѓани, но и нè легитимира пред европското семејство на држави, активно придонесувајќи во целокупниот европски идентитет. 

  • Ќе се воведе систем на задолжително  финансирање на спомениците од Листата на споменици од национален интерес, по принципот на категорија по вредност и степен на загрозеност. Листата ќе биде отворена и во неа постојано ќе можат да се впишуваат нови споменици од недвижното, движното и нематеријалното наследство. 
  • Ќе го зголемиме бројот на стручниот кадар во конзерваторските центри 
  • Ќе извршиме ревизија и бришење од регистарот на сите незаконски запишани споменици и објекти од т.н. проект „Скопје 2014“, кои по својата природа не можат да претставуваат културно наследство.
  • Ќе поддржиме развој  на културните и креативните индустрии врзани со производи на традиционалната култура со вклучување на аматерските фолклорни организации кои го негуваат традиционалното творештво.
  • Ќе распишеме меѓународен конкурс за ревитализација на централното градско подрачје на главниот град по штетите предизвикани од „Скопје 2014“. Како антипод, овој конкурс ќе биде дел од апликацијата на Град Скопје за најголемата културна програма при Европската Унија, Европска престолнина на културата. 

Развивањето на културните потреби, учеството во уметничките и културните активности, искусувањето култура води кон подобрување на квалитетот на живот и добросостојбата на секој поединец. Затоа, ќе поддржиме создавање на мобилно кино, два пати годишно ќе организираме „Музеј24/2„ – 24 часа во тек на викендот влезот во сите музеи ќе биде слободен (петок од 18 до 24 ч., сабота од 12 до 24 ч. и недела од 10 до 16 часот), библиотеките ќе ги преуредат своите простори за поконфорен престој на читателите, ќе организираат активности за читатели, како промоции, дебатни клубови, читачки работилници, ќе ги зголемиме финансиските дотации за програми и проекти кои придонесуваат за зајакнување на локалните заедници преку подршка на локални фестивали, значајни настани, јубилеи, сѐ со цел да се зачува и да се промовира и нематеријалното наследство на руралните и неразвиените подрачја.

Преку Министерството за култура, ќе го поддржиме литературното творештво на млади автори преку востановување посебни стимулативни мерки. Ќе воведеме посебен конкурс за објавување на најмалку 10 нови наслови за деца и тинејџери. Ќе се даде поддршка на преводот и на преводната литература, со посебен акцент на квалитетот на преводот и соодветно финансиско вреднување на трудот на литературните преведувачи што преведуваат од оригиналниот јазик. Министерството за култура ќе го зајакне системот за заштита на македонскиот јазик и поддршка на литературното творештво.

Користејќи ги европските практики и искуства ќе создадеме услови за поразновидно финансирање во културата. Преку системот на даночни олеснувања ќе го поттикнеме донаторството, спонзорирањето, меценството и други форми на финансирање. Владата ќе ги поттикне јавно-приватните-цивилните партнерства и ќе предложи правна рамка за доделување на „грант дотации“ за култура во сите општини, независно дали имаат или не локални установи. Средствата за ваквите грантови би се обезбедиле по законски утврдени критериуми, на пример: во зависност од бројот на жителите, бројот на установите, рурална или урбана општина и др. Ќе се обезбедат стабилни механизми на ко-финансирање на учесници во програми и проекти на ЕУ и други меѓународни и регионални соработки на национално и локално ниво.

Ќе продолжиме со инвестиции во културната инфраструктура при што во неколку града ќе формираме Младински културни центри, како специјализирани институции кои ќе ги развиваат културните потреби на младите луѓе, со цел да го подобриме квалитетот на нивниот живот да ги задржиме во земјата. Зависно од потребите тоа ќе бидат мултимедијални центри со простори за повеќе намени: кино сала, театарска сцена, сцена за концерти, изложбен салон, куглана, бифе или бизнис-кафе простор итн. 
Владата ќе ја продолжи втората фаза на институционалната децентрализација која треба да им обезбеди најдобри услуги на граѓаните согласно Европската повелба за локални самоуправи. За да се надминат слабостите од првата фаза на децентрализацијата ќе извршиме

зголемување на блок дотациите за да ги покриваат сите реални потреби на локалната установа, средствата за тековно и материјално одржување на установите, за нови инвестиции, а со цел подобрување на состојбата на објектите на локалните установи во културата и нивната функционалност и редовно ќе ги одобруваме барањата за пополнување на упразнети работни места, како и за нови неопходни вработувања во локалните установи од Министерството за финансии. Живееме во нерамномерно развиена земја. Во културата ќе работиме на рамномерен културен развој, пред сé, преку политиките и инструментите на децентрализацијата и деметрополизацијата на култура. 

Културната економија може да биде голем извор на приходи и да го намали или да го спречи одливот на луѓе од локалните заедници во главниот град и во странство. Таа е и голема движечка сила на одржливиот развој. Нашата културна разновидност претставува голем потенцијал за развојот на овој вид економија. Ние ќе преземе серија мерки за да го заживееме овој приоритет на современите европски политики:

  • Ќе го зголемиме бројот на креативни центри и инкубатори, каде што млади и стартап фирми, здруженија на граѓани и самостојни уметниици, фриленсери ќе ги имаат сите можности да работат заедно и да создавааат заеднички 
  • Ќе дадеме полна поддршка за максимално искористување на ИПА механизмот за развој на креативните и културните индустрии. Ќе овозможиме обуки и ќе создадеме линиии за кофинансирање на проектите во оваа, како што направивме и за другите програми од ЕУ, како Креативна Европа. 

Владата на Република Северна Македонија ќе го почитува Колективен договор за вработените во културата. Меѓу другото, договорот го регулира надоместокот на трошоци за превоз од и до работното место во специфични услови, потоа надомест за теренски додаток, надомест на трошоци за одвоен живот од семејството, надомест на трошоци за користење сопствено возило за потребите на работодавачот, надомест на трошоци при селидба, отпремнина при одење во пензија и јубилејни награди. Во соработка со синдикатите ќе отвориме дебата околу сите други права на вработените во културата од типот на бенефициран стаж, дополнителни работи надвор од Годишната програма за работа на установата, либерализација на условите и на постапките за самостојни уметници и правила за користење на други типови на поволности како (парични надоместоци, доделување на простор за работа или за објавување дела без надомест, подарување или изнајмување на опрема и инструменти без надомест и средства за осигурување дела, инструменти).