Шахпаска: Социјалните претпријатија креираат одржливи општествени решенија

Економско - социјалниот совет денеска ја одржа  својата 14 седница на која се разгледуваше Стратегијата за развој на социјалните претпријатија во РС Македонија (2021 – 2023) со Акцискиот план 2021 – 2023. Членовите на ЕСС го разгледаа и Извештајот за ревидираниот Акциски план за формализирање на неформалната економија 2018 – 2020, а беше разгледан и Акцискиот план за формализирање на неформалната економија 2021-2022.  

На денешниот дневен ред беше и Националната стратегија за вработување  2021 – 2027 со Акцискиот план за вработување 2021-2023 година. Извештаите кои беа усвоени ќе бидат процесуирани до Владата.

На состанокот беше посочено дека со Националната стратегијата за развој на социјалните претпријатија ќе се  дефинираат основните цели и клучните активности со што ќе се создаде соодветна правна, финансиска и институционална рамка за развој на социјалните претпријатија.

Министерката за труд и социјалната политика Јагода Шахпаска рече дека визијата, целите и приоритетите на Стратегијата ги следат стратешките ориентации на Европската Унија и нејзината Иницијатива за социјален бизнис. 

„Мерките за поддршка на социјалните претпријатија ќе придонесат и кон остварување на Целите на одржлив развој бидејќи социјалните претпријатија и социјалната економија креираат одржливи општествени решенија за сегашните предизвици во повеќе домени, како што се борба против сиромаштијата, правни услови за работа, застапување на партиципативна демократија, развој на решенија кои се поволни за животната средина“, истакна министерката Шахпаска.
 
Во изработката на Националната стратегија за вработување 2021-2027 учествуваше меѓуминистерска работна група, предводена од МТСП, а истата беше подржана од Меѓународната организација на трудот.

Во процесот на подготовка на Националната стратегија за вработување​ низ инклузивен, транспарентен и сеопфатен процес учествуваа експерти и сите засегнати страни.