Формиран Национален совет за претпримеништво и конкурентност
Дебати и предлог мерки за подобрување на конкурентноста на македонската економија треба да понудат претставници од јавниот, приватниот и од граѓанскиот сектор, преку работата на Националниот совет за претпримеништво и конкурентност, што беше формиран повторно денеска во Владата.
Ќе има советодавна функција и ќе биде место каде што ќе може да се води дијалог и ќе се предлагаат мерки, активности и политики со цел подобрување на конкурентниоста на македонската економија, изјави по конститутивната седница на советот, вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски.
Од годинава, најави, Македонија активно ќе го следи извештајот за конкурентноста на државите во светот што го подготвува Светскиот економски форум и врз основа на наодите во него ќе подготвува мерки и политики за подобрување на конкурентноста.
- Тоа ќе биде надополнување на се она што го прави Владата преку програмата за работа и со сите проекти кои се почнати со цел забрзан економски развој. Но, сепак зголемувањето на конкурентноста е еден од многу важните елементи, рече пешевски.
Пред членовите на Националниот совет се претставени 80-ина предлог мерки за подобрување на конкурентноста што ги усвои Владата во изминатиот период. Членовите на советот од приватниот и од граѓанскиот сектор се запознале со мерки за подобрување на квалитетот на образованието, за поддршка на малите и средните претопријатија и претпримеништвото, за поттикнување на извозот, на вработеноста и за подобрување на квалитетот на работната сила, за справување со сивата економија и за поттикнување на технолошкиот развој и за подобрување на функционирање на институциите.
Од членките на Националниот совет е побарано да дадат свои предлози, бидејќи, истакна Пешевски, како и досега секогаш кога ќе се наиде на квалитетен предлог се настојува колку што е можно побрзо да биде применет.