Премиерот Заев: Отворено делуваме за поголема родова рамноправност - жените денеска се повеќе раководат со високи позиции

Премиерот Заев, преку видео обраќање го отвори вториот панел на тема „Заложбите на мажите за родова еднаквост“ во рамки на конференцијата „Жените во меѓународната политика“ во организација на Министерството за надворешни работи.
 
Во продолжение Ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Заев во целина:

„Почитувани учесници на конференцијата „Жените во меѓународната политика“,

На почетокот ве замолувам за разбирање затоа што не сум во можност физички да бидам присутен на оваа исклучително значајна конференција, и на уште позначајната дебата на панелот на тема „Заложбите на мажите за родова еднаквост“.

Улогата на жените во сите сфери на македонското општеството е значајна и важна. Нивната активна улога во креирањето и реализирањето на важните стратешки политички прашања од интерес на земјата ќе придонесе за афирмација и реализација на родово свесна политичка определба во подобрување на родовата еднаквост во областа на политичкото учество, а со тоа и учеството на жените во надворешната политика.

Како претседател на Владата, застапувам ефикасно применување на националните стратегии за еднакво и рамноправно учество на жените во политиката, како и на сите препораки кои доаѓаат од меѓународните конвенции, стандарди и позитивни практики.

Секогаш треба да настојуваме да го дадеме најдоброто што можеме за нашиот придонес за остварување целосна, безусловна еднаквост на жените и девојките кои се вклучени во политиката.

Ниту една земја не може да си дозволи да остави еден сериозен дел од својата популација зад себе. Тоа не смее да биде прифатливо.

Девојките и жените мора да го добијат еднаквото право со мажите да учествуваат, да бидат избрани на највисоки позиции, на гласност, во сите сегменти на општеството и развојот, а тука секако спаѓа и нивното учество во надворешната политика на земјата.

Ние сме должни да го обезбедиме тоа со континуирани политики за родова еднаквост и со спроведување на обврските од меѓународно прифатените конвенции и декларации.

Да не заборавиме: Кога се залагаме и кога градиме услови за еднакво и рамноправно учество на жените, всушност градиме подобар свет за сите.

Јас повеќе пати сум рекол, и еве ќе повторам и сега:

Во овие услови кога мажите се сѐ уште во многу поголем број носители на функции и на одлуки, исклучително е важна нашата улога, улогата на мажите, во подобрување на системот и нашето отворено делување за поголема родова рамноправност.

Да покажеме дека ова не е само женска борба. Ова е борба која треба да биде поддржана од сите прогресивни луѓе. Правата немаат род, а различностите од секаков аспект, па и родов, го прават општеството поправедно и похумано.

Сум соработувал и соработувам со многу колешки, жени кои по правило покажуваат исклучителна трудољубивост и одговорност, и исклучителна посветеност во извршување на своите обврски.

Може да се согласиме дека статусот на жените во општеството постепено се подобрува, но уште повеќе треба да се согласиме со фактот дека треба да постигнеме целосна полова еднаквост и тоа постигнување треба да го потврдат самите жени, а не ние мажите.

Жените денеска се повеќе присутни и застапени во областите кои традиционално се сметаат за „машки“, како што се политиката, надворешната политика, безбедноста, економијата, бизнисот, но останува уште повеќе да се работи на унапредување на положбата и потребите на жените во општеството.

Убеден сум дека оваа прва годишна конференција за промовирање на учеството на жените во надворешната политика е еден голем и значаен чекор за остварување на визијата за постигнување поголемо учество на жените во јавниот живот, и зајакнување на позицијата на жените и девојките во таа област.

Особено ме радува што од оваа конференција ќе произлезе иницијатива за формирање регионална мрежа на жени дипломати од шесте земји на Западен Балкан за размена на идеи и можности за соработка за имплементација на реформските процеси во регионот и за негова промоција и афирмација во меѓународните структури за интеграција во Европската Унија.

Ви посакувам успешна конференција и резултати на кои ќе се радуваме сите.“