Состанок на работната група за подобрување на квалитетот на физичкото образование
Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска(четврток, 05.04.2012 година) одржа состанок со Работната група за подобрување на квалитетот на физичкото образование и спортот во рамките на образовниот систем.
Работната група ја сочинуваат министерот за образование и наука Панче Кралев, министерот за здравство Никола Тодоров, директорот на Бирото за образование Весна Хорватовиќ, претставници на Факултетот за физичка култура, директорот на Државниот испитен центар Јусуф Арифи, директорот на средното фискултурно училиште Методија Митевски Брицо Александар Коцевски, повеќе еминентни тренери и спортски работници од спортските клубови, и најреномирани професори по физичко образование од основните и средните училишта.
На состанокот се разгледуваа повеќе прашања во функција на зголемување на квалитетот на одржаните часови по физичкото образование и спорт во основните и средните училишта. Се разговараше за повеќе лоцирани предизвици, како и за опциите и можностите за нивно совладување.
Работната група разгледуваше конкретни предлози кои имаат за цел подобрување на состојбите. Беше заклучено дека од приоритетно значење е дословно почитување на планот и програмата за одржување на часовите со предвидените теми, како и ефективно следење и проверка на реализацијата низ системот, со осврт на анимираноста на училишните професори за активна партиципација и зголемен ангажман во процесите.
Се разговараше и за подобрување на квалитетот на самата програма и план преку засилено учество на лица од Факултетот за физичка култура во нејзината изработка, користење на странски искуства при методологијата, како и организирање на систем за трансфер на знаења од страна на претставници на факултетот кон професорите од основните и средни училишта.
Беше разговарано и за можноста за зголемување на фондот на часови по физичко образование и спорт и акцентирање на приоритетот за ефикасно спроведување на училишните лиги во екипните спортови и организирање на натпревари на ниво на примарно и средно образование во индивидуалните спортови.
Во рамките на идните активности, Работната група ќе излезе со конкретни формални предлози кои ќе бидат процесуирани за разгледување од страна на Владата на Република Македонија.