Средба на премиерот Груевски со американски конгресмени

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска оствари средба со делегација на Конгресот на САД, предводена од конгресмените г-дин Дејвид Драјер, г-дин Дејвид Прајс, г-дин Џим Мекдермот, г-дин Ерик Паулсен и г-дин Гери Коноли.

На средбата се разговараше за повеќе аспекти на пријателските билатерални односи помеѓу Република Македонија и САД кои што се на ниво на стратешко партнерство.

Претседателот на Владата Груевски ги информираше своите соговорници за стратешките приоритети на Владата на Република Македонија во делот на европските и евроатлантските интеграции, економскиот развој и привлекувањето странски инвестиции, спроведувањето на Охридскиот рамковен договор и одржувањето добри меѓуетнички односи, борбата против организираниот криминал и корупција со особен акцент на реформите на судскиот систем, како и инвестициите во образованието и науката.

Посебно беше ставен акцент околу надворешнополитичките приоритети на Република Македонија во контекст на интеграциите во ЕУ и НАТО, при што претседателот Груевски во детали ги запозна конгресмените за сите активности кои што се преземаат во оваа насока, особено во однос на отпочнувањето на пристапниот дијалогот на високо ниво со ЕУ, како и делувањето на Република Македонија како де-факто членка на НАТО преку ангажманот во меѓународните мисии на Алијансата.  

Притоа беше истакната силната посветеност на Република Македонија за изнаоѓање на взаемно прифатливо решение за спорот за уставното име наметнат од страна на Република Грција, што претставува единствена пречка во европскиот и евроатлантскиот интегративен пат на Република Македонија.

Во таа насока, претседателот на Владата се заблагодари за иницијативата која досега е поддржана од страна на 54 американски конгресмени за прием на Република Македонија во НАТО на претстојниот самит во Чикаго, при што посочи дека ваквиот вид поддршка е секогаш добредојден и се цени од страна на Република Македонија.

Претставниците на американскиот Конгрес го информираа претседателот на Владата за целта на нивната посета на Република Македонија, која пред се е насочена кон реафирмирање на поддршката на САД на Република Македонија во повеќе области, при што за нив како претставници на Конгресот од особено значење е продлабочувањето на соработката со Собранието на Република Македонија.

На средбата беше заклучено дека постои взаемен долгорочен интерес за понатамошно интензивирање и продлабочување на билатералните односи помеѓу Република Македонија и САД.