Тркалезната маса за подобрување на пристапот до електроенергетските мрежи
Република Македонија иако според извештајот „Doing Business 2012“ на Светска банка е рангирана на 22. место од 183 држави, според индикаторот за приклучокот до мрежите за електрична енергија се наоѓа на 121 место.
Индикаторот, како што истакна министерот за економија Ваљон Сарачини на денешната тркалезната маса за реализација на препораките од извештајот на „Doing Business 2012“ кои се однесуваат на пристапот до електроенергетските мрежи, се состои од три подиндикатори - бројот на процедурите за довбивање на приклучок, времетраењето на постапката, и трошоците за секоја постапка.
- Како Влада сме цврсто определени да ги преземеме сите дополнителни активности со цел да се подобри состојбата со овој индикатор. Денешнава јавна расправа е во насока на информирање на јавноста за мерките кои ги преземаат државните институции и компании за поголема заштита на потрошувачите. Тие ќе придонесат и за подобрување на инвестициската клима, зашто пристапот до електрична енергија е еден од најбитните предуслови за економски развој и социјална стабилност, порача министерот Сарачини на отворањето на трибината.
Тој посочи дека активности ќе се преземаат за скратување на времето за издавање на согласност за прилкучување и за изградба на приклучокот, ќе се бара потранспарентна методологија за пресметка на трошоците и ќе се одреди можност за плаќање на казнени пенали од операторот на дистрибутивниот систем доколку се доцни по негова вина.
Во Македонија има стандардни и нестандардни приклучоци за електрична енергија. Под стандардни приклучоци се подразбираат приклучоците за домаќинствата и малите индустриски капацитет, а нестандардните се за големите индустриски капацитети.
- Заедно со преставниците од Светска банка, Министерство за финансии, Регулаторна комисија за енергетика и АД ЕВН Македонија ќе дискутираме за поедноставување и упростување на методологијата за утврдување на цените, скратување на рокот за приклучок во мрежата на еклектрична енергија од 15 на седум дена за стандардните и од 60 на 45 дена за нестандардните приклучоци, како и за казнените пенали, изјави Сарачини и додаде дека ќе се рзговара и за намалување на цената за приклучокот.
Министерството за економија, појасни, има обврска да ја следи ситуацијата и да го разјасни предметот кај кој има задоцнување, како и да определи дали вината е кај граѓаните и компаниите или, пак, кај операторот. - Казнените пенали ќе се однесуваат за тој што е виновен, рече Сарачини.
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Димитар Петров истакна дека биле максимално вклучени во донесувањето на мрежните правила за операторот на дистрибутивниот систем за електрична енергија.
- Во таа насока ги сменивме приоритетите за да може мрежните правила да ги реализираме до крајот на идниот месец, изјави Петров.