Царината одбележа 20-годишен јубилеј
Царинската управа го одбележа 20-годишниот јубилеј. Свечената седница се одржа во Музејот на македонската борба за државност и самостојност, на која присуствуваше вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, претставници на Владата, дипломатскиот кор, претставници на науката, верските заедници, претходните директори на Царинската управа. По повод јубилејот беше промовирана и „Монографијата на Царинската управа“.
Царината е воспоставена во април 1992 година со донесувањето на Законот за царинска управа. Царинскиот режим на Табановце е воспоставен на 26 и 27 март 1992 година.
- Воспоставувањето на царината беше во тоа време клучно за осамостојувањето на земјата, а и денес е еден од клучните столбови на развиена Република Македонија, посочи министерот за финансии обраќајќи се пред присутните.
Тој рече дека во денешно време од кога било повеќе постои потреба царинските управи да се агилни и одговорни. - За да се одговори на барањата неопходни се значителни реформи и модернизација на Царинската управа. Во насока на постигнување на овие цели сите заинтересирани страни треба да дадат поддршка вклучувајќи ја и Владата, институциите, приватниот сектор кои треба да ги поддржат овие потреби, рече министерот за финансии.
Според него, предизвик за царините е глобализацијата која се карактеризира со поголема динамика на движење на стоки, луѓе, капитал и технологија и која од една страна дава можност за поголем економски раст на земјата, но од друга страна им дава можности и на учесниците во нелегална трговија.
- Царинската управа има исклучително значење да придонесе кон придобивките на економскиот развој преку олеснување на легалната трговија, заштита на националната економија и борба против криминалот, истакна министерот и додаде дека без ефикасна и ефективна Царинска управа Република Македонија нема да биде во можност да ги постигнува целите во однос на олеснување на трговијата, наплата на приходите и потребите на трговскате статистика и заштита на легалната трговија.
Тој потенцира дека Царината и натаму со поддршка на Владата ќе настојува да биде ефикасна царинска служба која ќе настојува да ги задоволи потребите на модерната трговија и да ги заштити животната средина и подобри можностите за деловната заедница.
На свеченоста монографијата по повод 20 години ја промовираше директорот на Царинската управа Ванчо Каргов, кој се осврна на развојот на Царината во изминатите години.
По повод јубилејот денеска беа доделени плакети за успешна соработка со Царинската управа.