Шахпаска: При посетата на малиот групен дом видов среќни деца кои сега успешно се справуваат со предизвиците во животот

„Денешната посета на малиот групен дом во Скопје е само уште една потврда за успешноста на социјалната реформа, со која целосно ја променивме институционалната грижа за децата. Сега младите со воспитно социјални проблеми наместо во големи институции се сместени во мали групни домови, каде добиваат семејна топлина и грижа од воспитувачите“, рече министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска при посетата не малиот групен дом кој е во склоп на Јавната институција „25 Мај“.

Со процесот на деинституционализација децата со воспитно социјални проблеми се сместени во објекти со капацитети до најмногу седум деца, а оние со нарушено поведение во објекти до пет деца.

„Децата со кои денес се сретнав успешно се ресоцијализираат, учат и редовно одат на училиште, каде бележат успеси. Напредуваат во животот бидејќи сега чекорат по вистинскиот пат, создавајќи за себе простор во општеството. Во малите групни домови тие се стекнуваат со секојдневните навики кои претходно им недостасувале, бидејќи освен семејна грижа, овде имаат свое интимно катче  во кое ги реализираат своите секојдневни активности, како што се дружење со своите врсници и во домот и надвор од него.  За нив се грижи стручен тим од воспитувачи, психолог, педагог, социјален работник и дефектолог, кои редовно 24 часа, 365 дена во годината работат со децата давајќи им  континуирана психолошко - социјална поддршка. Тие преку индивидуална работа со секое дете го откриваат неговиот талент и го насочуваат и охрабруваат да ги оствари своите идеи и планови. Заедно ги надминуваат и предизвиците но, заедно ги  прославуваат и  победите и успесите, бидејќи функционираат како едно големо семејство во кое  секој член е еднаков. Сега децата имаат планови за својата иднина“, рече Шахпаска.

Со трансформацијата на институционалната грижа во групно домување, освен што се  подобруваат условите за живот на децата и нивните хигиенски навики, младите до 18 годишна возраст стекнуваат нови пријателства со своите врсници од опкружувањето. Учат и  ги подобруваат спортските и други активности, но и  како да ги почитуваат воспитувачите и другите надворешни лица,  за правилата на живеење во малиот групен дом, за куќниот ред и слично. Шахпаска потенцираше дека многу е важно што стручните тимови ги учат децата и на заедништво, на меѓусебно помагање и поддршка. 

„Процесот на деинституционализација кај децата е завршен, сите деца се сместени во друга форма на згрижување посоодветна на нивните потреби. Продолжуваме со  процесот кај преостанатите корисници на услуги во Специјалниот завод  „Демир Капија“, Заводот за заштита и рехабилитација Бања Банско и Заводот за рехабилитација на деца и младинци „Топанско поле“. Секој граѓанин заслужува услови за достоинствен живот и поддршка во неговото секојдневно функционирање и живеење“, рече Шахпаска.

На средбата со децата во малиот групен дом присуствуваше и претставник на МВР, која како институција има големо значење во нивната ресоцијализација. Преку пријателски пристап со децата се работи на укажување на последиците од извршување на кривични дела. Кај децата се разбива негативното мислење за полицијата и се стекнува доверба дека тие се тука да им помогнат .

Министерката Шахпаска при посетата на малиот групен дом,  посочи дека Министерство за труд и социјална политика ќе продолжи да се грижи за сите граѓани, особено за ранливите категории, на кои помошта им е неопходна.