Министерот Кралев во посета на Мајкрософт Македонија
Министерот за образование и наука Панче Кралев денеска имаше средба со претставници на Мајкрософт Македонија по повод победата на проектот од Македонија „Fun, education, stop motion animation“ на Европскиот натпревар за иновативни наставници, што во организација на програмата „Партнери во учењето“ на Мајкрософт се одржа од 19-ти до 22 март во Лисабон.
На форумот, на кој учествуваа околу 250 наставници од 40 земји од Европа, наставниците Дарко Талески и Драгица Здравеска од ООУ „Кирил и Методиј“ од прилепското село Канатларци го претставија победничкиот проект од националниот натпревар. Со победата во Португалија, проектот доби право да учествува на светскиот форум на иновативни наставници што оваа година ќе се одржи во Атина.
- Победничкиот проект претставува одличен спој на новите апликации и бесплатни алатки на Мајкрософт, заедно со огромната иновација и креативност на тимот кој што собраа повеќе од 10.000 фотографии кои потоа ги искористија за креирање на преку 30 анимации со техниката „стоп мотион“, наведува МОН во соопштение до медиумите.
Кралев на средбата ја запознал и платформата Lync на Мајкрософт, која овозможува организирање успешни он-лајн состаноци и обуки, комуникација и соработка во реално време од кое било место во светот со повеќе учесници, користејќи компјутер и интернет врска.
- Од резултатите од пилот-проектот за организирање вакви он-лајн обуки (вебинари) се покажа огромна заинтересираност од страна на наставниците да следат ваков вид на обуки и да споделат иновативни практики со примена на ИКТ. Преку овој пилот-проект реализиран од страна на „Партнери во учењето“ за еден месец вкупно 150 наставници присуствувале на вакви он-лајн средби и обуки. Во меѓувреме, на оваа средба директно се организираше и он-лајн поврзување со претставници на Мајкросфт и Агенцијата за образование и обуки на наставници при Министерството за образование, наука и спорт од Хрватска за да го споделат нивното долгогодишно искуство при примена на вакви он-лајн обуки овозможени со платформата на Мајкросфот Lync, како најуспешна во регионот, информира МОН, додавајќи дека биле разгледани и можностите овие иновации да се применат во македонското образование.