Заев на пленарната сесија на Самитот на ЕУ за Западен Балкан: Силен и просперитетен Западен Балкан претставува неопходен придонес за европската економија

„Силен и просперитетен Западен Балкан претставува неопходен придонес за европската економија и без сомнение, целосната интеграција на Западен Балкан во Европската Унија треба да биде природен исход на реформскиот пат во регионот“, истакна претседателот на Владата на Северна Македонија, Зоран Заев на првата пленарна сесија на Самитот на ЕУ за Западен Балкан посветена на социо-економскитe прашања во соработката на земјите од регионот со Европската Унија.

Премиерот Заев нагласи дека активностите на Владата за економски развој се одвиваат истовремено со мерките што обезбедуваат социјална сигурност и социјална правда, со позитивно влијание врз намалувањето на сиромаштијата и подобрувањето на социјалната вклученост.

„Преку дијалог и инклузивни платформи, нашите партнери за социјален дијалог, ни помогнаа да ги збогатиме мерките кои се покажаа како социјално праведни“, потенцираше премиерот Заев.

Тој додаде дека пандемијата од КОВИД-19 дополнително ја забрза амбицијата за регионална интеграција, покажувајќи ги важните врски помеѓу пазарите во регионот, како и меѓу економиите на ЕУ и Западен Балкан. За време на овие предизвикувачки времиња, регионот соработуваше, обезбедувајќи непречен проток на стоки во текот на целата криза.

„Како резултат на водечките принципи на Берлинскиот процес, ние сме целосно посветени на инклузивна регионална соработка за да станеме рамноправни учесници во политиките, програмите и единствениот пазар на ЕУ, хармонизација со правилата и стандардите на ЕУ и проширување на можностите за граѓаните и деловните заедници“, истакна премиерот Заев.

За Република Северна Македонија, посочи премиерот Заев, Економскиот и инвестицискиот план на ЕУ за Западен Балкан е добредојдена и многу важна иницијатива, која покажува солидарност и грижа за регионот, зајакнување на економската активност и надградба на нејзината конкурентност.

„Реализацијата на Економскиот и инвестицискиот план на Западен Балкан и Акциониот план на Заедничкиот регионален пазар, ќе го трансформираат регионот, со што ќе се обезбедат зелени и повеќе дигитализирани економии, како и подобро вмрежување со единствениот пазар на ЕУ, насочен кон закрепнување од кризата предизвикана од КОВИД-19, забрзувајќи го економскиот раст“, потенцираше премиерот Заев на првата пленарна сесија на Самитот на ЕУ за Западен Балкан посветена на социо-економскитe прашања во соработката на земјите од регионот со Европската Унија.