Владата им ги префрли субвенциите на лозарите од Кавадарци и Неготино
Владата денеска им ги префрли сите субвенции за грозјето на лозарите од Неготино и Кавадрци. Вкупно 2,2 милиони евра легнаа на нивните сметки.
Како што изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски, ова е уште една потврда дека исплатата на финансиската поддршка се одвива согласно предвидената динамика.
- Реализирањето на проектираните средства за сите сектори, вкупно 130 милиони евра, е законска обврска и ќе заврши согласно утврдениот рок, 30 јуни 2012, нагласи Димовски.
И годинава, додаде, мерките за финансиска поддршка се структуирани на начин кој ќе овозможи постигнување на клучната цел на владините економски политики - поголема конкурентност на македонското земјоделско производство на домашниот, но и на странските пазари.
- Владината поддршка е наменета за покривање на дел од производните трошоци со цел усовршување, модернизирање на производството и подобрување на квалитетот. Цениме дека земјоделството мора да се осовремени, да биде поатрактивно и да се подигне квалитетот за полесен пласман на производите не само надвор, туку и дома, рече министерот.
Во 2013 година за субвенции Владата планира да одвои 135 милиони евра, во 2014 – 140, а во 2015 вкупно 150 милиони евра.