Новата формација и унапредувањето на стандардот на припадниците на АРМ се врвни приоритети
Согледувањето на процесот на трансформација согласно новата структура на силите, како и плановите и активностите на раководството во насока на понатамошно подобрување на ефективноста и професионалноста на припадниците на Армијата на Република Македонија беа главните цели на денешната посета на министерот за одбрана, Фатмир Бесими, на Здружената оперативна команда во касарната „Боро Менков“ во Куманово.
„Иницијативата ’Формација и стандард’ вклучува следење на имплементација на новата формација согласно НАТО стандардите и следење на стандардот на припадниците на АРМ. Ова иницијатива ќе ја имаме низ повеќе градови и низ повеќе структури на армијата на Република Македонија“, најави министерот Бесими.
„Здружената оперативна команда со потчинетите единици се наоѓа во фаза на интензивна трансформација и паралелно со неа како врвен приоритет работиме на тежишните задачи во кои се инволвирани припадниците на ЗОК“, истакна Командантот на Здружената оперативна команда, бригадниот генерал Методија Величковски. Воедно генералот Величковски посочи дека во наредниот период планирана е надгледна вежба со артилеријата на ЗОК, подготовка на нова ротација во Авганистан, како и подготовка на единиците за учество на меѓународната вежба во мај која ќе биде најголемата воена вежба досега одржана во Република Македонија. Како што посочи генералот, ќе се отвори можност за организација на курс за оценувачи согласно концептот за оперативни способности, оценка на декларираните единици како што е баталјонската борбена група и средната пешадиска чета за баталјонската борбена група на ЕУ, како и подготовка на нова ротација за мисијата во Авганистан.
При посетата, министерот Бесими имаше можност да се сретне со поголем број војници и старешини со цел непосредно да разговара со нив и притоа од прва рака да ги дефинира проблемите и прашањата коишто се однесуваат на нивниот стандард, како и да се информира за планираните активности поврзани со јубилејот „20 годни АРМ“.
На новинарско прашање поврзано со проектот кој директно влијае на стандардот на припадниците на АРМ, „АРМ – мој вистински дом“, министерот Бесими посочи дека по завршувањето на двете фази поврзани со проектот, промената на урбанистичките планови и организацијата и координацијата со банките, следеше и објавувањето на Конкурсот кој заврши пред два дена. „Целта на овој проект останува – да се реши станбеното прашање на припадниците на АРМ, на начин што финансиски е поодржлив од страна на министерството, во однос на буџетските средства. Ние на проектот гледаме како на еден жив процес кој постојано треба да се моделира и редизајнира согласно реалните потреби и можности“, потенцираше министерот Бесими, кој воедно дополни дека фактот што заинтересираноста за Скопје е најголема се должи на економските причини, односно на големата разлика помеѓу понудената и пазарната цена во главниот град.