Владина делегација положи цвеќе на Спомен костурницата во Куманово во чест на жртвите од антифашистичката војна и во чест на генерацијата што го оствари сонот за македонска држава

Како дел од програмските содржини за одбележување на државниот празник 11 Октомври – Ден на народното востание и 80-годишнината од тој настан, делегација на Владата на Република Северна Македонија предводена од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, придружуван од заменик-министерот за политички систем и односи меѓу заедниците Илхан Рахман, положи венец свежо цвеќе пред Спомен костурницата во Куманово посветена на борците кои животот го дадоа во народно-ослободителната војна.

Со оваа активност, како и со сите други содржини што се организираа денеска, и Куманово, како град првоборец, се вклучи во одбележувањето на 11 Октомври, како еден од најзначајните датуми во нашата историја, како паметник и потсетник дека пред 80 години македонскиот народ ја донесе вистинската одлука – да пристапи кон антифашистичката коалиција, кревајќи востание како почеток на народното ослободителното движење и да го оствари сонот на претходните генерации за создавање на македонска држава.

Како еден од најсветлите датуми во нашата историја, празнувањето на овој ден е и во чест на Кумановскиот, односно Козјачкиот и Карадачкиот партизански одред, како и во чест на сите кои му се придружија на народно-ослободителното движење и кои жестоко се бореа за остварување и зачувување на идеалите за рамноправност и слободна македонска држава.