Груевски: Акцијата „Детонатор“ потврда за неселективноста во борбата против криминалот
Акцијата „Детонатор“ е потврда за силната посветеност на Владата во борбата против организираниот криминал и корупцијата на неселективна основа, која продолжува секаде каде има информации и доказа за тоа, изјави премиерот Никола Груевски.
- Оваа акција покажува уште еднаш дека она што го ветивме на изборите уште во 2006 година, а тоа и го остваруваме, дека оваа Влада е насочена кон сериозна и силна борба против криминалот и корупцијата на неселективна база и дека во Македонија не може некој да очекува оти ако е близок на некого или на некоја политичка партија или поединец дека ќе биде заштитен доколку прави криминал, корупција и за тоа се обезбедат докази. Акцијата ќе има и свои понатамошни чекори на коишто МВР сега е насочено во правец да ги изведе соработниците и помагателите на овие личности, кои во одреден временски период правеле проблеми, односно ги рекетирале граѓаните, фирмите и вршеле други кривични дела. , рече премиерот Груевски по отворањето на нова бензиска пумпа на Лукоил на излезот од Куманово.
Тој посочи дека акцијата се уште не е целосно завршена, но оти се работи на тоа. За таа цел, вели, присутни се екипи од организиран криминал и јавна безбедност во Кочани и во целиот регион за, како што вели, да се докомплетира, односно целосно да се разобличи оваа рекетарска група, која го тероризирала населението претежно во источниот дел на земјата. Честитајќи на МВР за оваа успешно подготвена и спроведена акција, претседателот на Владата најави дека ваквите акции ќе продолжат и во иднина секаде од каде што ќе се добијат информации и ќе се соберат докази за постоење на криминал, што вели, и ја разликуваа оваа Влада од претходната.
- Независно дали е организиран или не, криминалот е криминал и ќе продолжиме на неселективна база независно дали е од оваа или онаа националност, од една или од друга партија, или, пак, од една или друга верска припадност. Криминалот нема ниту боја, ниту припадност. Може секаде да се најде, но разликата на оваа власт со претходната е во тоа што кај нас нема пардон, кој ќе се фати тој ќе плати, независно кој стои зад него, кој чив роднина е, кој е каде присутен, вработен, назначен, избран или слично, порача премиерот Груевски.