Груевски: СДСМ обвинува дека новиот закон за лустрација е лош оти не сака процесот да се спроведе
Обвинувањата дека и новиот предложен закон за лустрација е лош за премиерот Никола Груевски се само уште еден доказ повеќе дека СДСМ всушност не сака таков закон да биде донесен и процесот на лустрација да се спроведе.
- Во минатото имаше критики од опозицијата дека Комисијата за лустрација или претседателот не ги толкувале добро запишаните работи во досиејата. Затоа ние сега велиме сите досиеја, текстови и содржини што постојат да се објават на интернет и за да нема различни толкувања. Секој граѓанин доколку го интересира да може да прочита за некое лице за кое се зборува дека било кодош, дека ја злоупотребувало функцијата за да оствари лични, кариеристички и материјални цели, што било запишано, што точно работело, кого кодошел и со какви намери, рече премиерот Груевски одговарајќи на новинарско прашање по пуштањето во употреба на нова бензинска пумпа на Лукоил во близина на Куманово.
Додаде дека потранспарентен закон од овој не може да има, и оти обвинувањата на СДСМ всушност укажуваат на оти нивна намера е да нема никаков закон за лустрација.
- Доколку тие сакаа да има закон можеа да го донесат додека беа на власт. Петнаесет и повеќе години беа на власт, но не донесоа таков закон. Тоа значи дека тие всушност не сакаат да има закон за лустрација. Каков и да е закон да предложиме или донесеме тие ќе речат дека е неуставен или нетранспарентен. Секогаш ќе најдат некоја маана за да се извлечат од ваков закон, рече македонскиот премиер.
Носењето на законот, додаде, има добра мисла, тој е морално исправен и има за цел, како што рече, да не се повторат работите што се случувале во минатото заради лична или материјална корист или пак од материјалистички причини да се уништуваат личности и цели семејства само заради нивни политички или идеолошки размислувања.
- Денес е несфатливо некој што размислува идеолошки различно да биде нападнат, кодошен во полиција, приведен или затворен, но во тоа време многу луѓе на ваков начин напредувале во кариерата и материјално се богателе. Многу од нив и денес се живи, работат и се во нашата околина. Добро е да се знае кои се тие со цел вакви работи да не се повторуваат во иднина. истакма премиерот Никола Груевски.