Катарска експертска делегација наскоро во Македонија ќе проценува во кои сектори би можело да се инвестира

Катарска делегација составена од експертски групи од различни сектори наскоро треба да пристигне во Македонија со цел подетално да се запознае во какви проекти би можеле да инвестираат, најави премиерот Никола Груевски.

- По посетата на Катар, која беше мошне успешна, очекуваме наскоро, како што тие најавија, нивна делегација да дојде во Македонија. Тоа ќе биде експертска делегација која ќе треба да ги утврди за нив приоритетните и профитабилни проекти во коишто би можеле да инвестираат. Ние во Катар презентиравме поголем број проекти во различни крупни компании и пред самиот емир и премиер, како и пред министерот за енергетика и директорите на најкрупните компании. Им ги презентиравме условите за правење бизнис, а подоцна презентиравме и конкретни проекти каде би можеле да влезат со свои инвестиции. Сега нивни експерти треба да дојдат и да ги разгледаат еден по еден за секој сектор, на пример енергетика, туризам... за да видат кои би биле соодветни за нив, изјави премиерот Никола Груевски одговарајќи на новинарско прашање по пуштањето во употреба на нова бензинска станица на Лукоил во близина на Куманово.

Премиерот додаде дека се уште не е утврден точниот датум кога треба да пристигне катарската делегација, но изрази надеж дека дека во најскоро време тој ќе се знае.

- Ние се подготвуваме за нивен пречек тука, за организација на нивното движење во смисла на презентирање на локациите, на дополнителните услови и одговарање на нивните прашања кои ќе бидат подетални и поекспертски, рече македонскиот премиер додавајќи дека во земјава веќе се одредени луѓето за контакт со катарската делегација.