Владина делегација предводена од Ставрески по инвестиции во Русија
Инвестициските можности во Република Македонија од денеска до 12-ти овој месец ќе бидат презентирани во Руската Федерација.
Со предностите за инвестирање во земјава, руските стопанственици ќе ги запознае владиниот тим предводен од вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
Владиниот економски тим, во кој е и министерот за странски инвестиции Бил Павлески и директорот на Дирекцијата на Технолошко индустриските зони Виктор Мизо, презентациите ќе ги почне во Ростов, потоа ќе следува презентација пред бизнисмените во Краснодар и посетата ќе се заокружи со престој и претставување на можностите за правење бизнис во Македонија во Сочи.
Република Македонија и Руската Федерација остваруваат интензивна економска соработка. Доминантен облик на соработката е трговската размена, која минатата година изнесува над 700 милиони американски долари и бележи зголемување од 30-тина проценти во однос на претходната година. За одбележување е што извозот од Македонија во Русија бележи рекордно зголемување од 140 проценти, а увозот од Русија во Македонија околу 28,7 отсто.
Најмногу сме извезувале лекови за малопродажба, овошје и зеленчук, феросилициум, делови и прибор за каросерии, производи од камен или други минерални материи и други машини, уреди и опрема и други делови и прибор за моторни возила. Во Русија се врши и извоз на вино. Македонија од Русија најмногу увезува нафта и масла добиени од битуменозни минерали, природен гас во гасовита состојба, плоснато валани производи од железо или нелегиран челик, други производи од железо од руда, друг камен јаглен, неагломериран, пропан течен. Од почетокот на годината вкупната трговска размена е околу 130 милиони долари.
Со цел развивање и унапредување на вкупните трговски односи меѓу двете држави, на 28 мај 1993 година во Скопје е потпишана Спогодбата за трговија и економска соработка меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Руската Федерација. За следење на спроведувањето на Спогодбата и изготвување соодветни препораки за унапредување на трговско - економската соработка меѓу двете земји, формирана е меѓувладина Македонско - руска комисија за трговско - економска и научно - техничка соработка, која досега има одржано пет седници.
Од македонска страна, претседател на Мешовитата македонско–руска комисија е вицепремиерот Зоран Ставрески. Претседател на рускиот дел на Комисијата е заменик-министерот за регионален развој Максин Травников. Бидејќи нашата земја може да понуди поголеми количини производи на рускиот пазар, се цени дека е потребно интензивирање на соработката преку отворање економски канцеларии за редовна соработка, како и создавање мешовити македонско-руски фирми, преку кои ќе се интензивира извозот во оваа држава, а со тоа ќе следи и покривањето на традиционално високиот трговски дефицит.
Економската соработка, односно нивото на трговската размена со акцент на зголемување на извозот од Македонија за Русија е од големо значење за натамошно унапредување на македонско-руските односи.
Инвестициите од Русија во Македонија минатата година се 5,19 милиони евра. Со оглед на економскиот и инвестициски потенцијал на оваа држава, обемот на странски директни инвестиции се смета дека е мал. Во 2010 година интересот на инвеститорите од Руската Федерација е зголемен, особено во енергетскиот сектор и се очекува отпочнување нов инвестициски циклус од оваа земја.
Во 2011 година во ТИРЗ –Скопје 1, рускиот фармацевтски холдинг „Протект Груп“ ја почна градбата на фабриката „Продис ДОО“ која ќе се одвива во две фази до 2015 година и ќе има 130 нови вработувања. Фабриката ќе производува хомеопатски производи, чаеви, минерали, органски и неоргански житарки. Компанија која веќе е присутна и работи во Македонија е руски „Лукоил“.
Руската Федерација е една од целните земји од која се очекуваат инвеститори во наредниот период, а целните сектори се производство на автомобилски компоненти, информатичко-комуникациска технологија, земјоделство и преработка на храна, бизнис-услуги и аутсорсинг, фармацевтска индустрија и медицински помагала, енергетика и обновливи извори на енергија, туризам, градежништво и инфраструктура.
Меѓу проектите во кои може да се очекува соработка се изградбата на хидроцентралите Чебрен и Галиште и гасификацијата во Македонија.