Воведена електронска размена на податоци меѓу Министерството за транспорт и Катастарот
Во Министерството за транспорт и врски денеска беше потпишан Договор за користење услуги по електронски пат со кој ќе се овозможи електронска размена на податоци меѓу ресорното Министерство и Агенцијата за катастар за недвижности.
Со потпишување на овој договор за користење електронски шалтер на Агенцијата, се уредуваат односите меѓу двете институции во насока на користење на овој систем.
- До сега за сите јавни наддавања или било каков предмет за кој требаше да обезбедиме документ од катастарот, вклучително и легализацијата на дивоизградените објекти, требаше курир од Министерството за транспорт и врски да го однесе барањето до катастарот и потоа потребните документи да се вратат во Министерството. Тоа за Скопје не беше толку голем проблем, но во канцелариите ширум земјата, тоа понекогаш одземаше неколку денови, појасни на денешното потпишување ресорниот министер Миле Јанакиески.
Со воспоставување на овој систем, нагласи министерот, се овозможува Министерството по електронски пат без да доставува какво билобарање да ги добие потребните документи, како што се имотен лист. Јанакиески истакна дека со договорот се очекува намалување на периодот за добивање документи и намалување на административните бариери.
Министерот апелираше до општините да потпишат договор со Агенцијата и се поврзат на системот, за по електронски пат да ги добиваат документите.
Директорот на Агенцијата за катастар за недвижности Љупчо Георгиевски рече дека станува збор за прв договор потпишан со некое Mинистерство и ги повика останатите министерства кои имаат потреба од нивната база на податоци да пристапат кон склучување на сличен договор.
- Досега имаме склучено 50-тина договори со големи корисници и имаме издадено преку 16 илјади податоци. Општините имаат и законска обврска одредени податоци да ги достават по елетронски пат за граѓаните да не мора да доаѓаат до нашите канцеларии, додаде Георгиевски.