Доделени наградите за најдобра бизнис идеја од проектот „Фабрика на бизнис идеи“

Премиерот Никола Груевски денеска им ги додели наградите на победникот и на финалистите на натпреварот за најдобра бизнис идеја од проектот „Фабрика на бизнис идеи“.

Победник на натпреварот на кој беа пристигнати 104 бизнис идеи од 23 градa, најголем дел од услужната дејност, прехрамбената индустрија, информатичката технологија и туризмот е битолчанецот Петар Котески со проект за развивање и продажба на видео игри на светскиот пазар. Тој е награден со 10.000 евра, додека останатите пет финалисти ќе добијат по 1.000 евра.

При изборот на победникот, најважни критериуми биле потенцијалот за комерцијализација, односно реализација на бизнис идејата, независно од големината на потребните средства за нејзино реализирање, оригиналност и иновативност на идејата, јасноста на нејзината презентација и свесноста за ризиците и мерки за нивно надминување.

Насекаде низ светот, рече Груевски, во сите развиени економии, претприемништвото и иновациите се главен носител на економскиот развој. Малите бизниси, нагласи премиерот, кои ги формираат овие претприемачи, се движечка сила на економијата на една земја и најголем дел од луѓето се вработени во вакви претпријатија.

- Кај нас, она што беа постулати на претходното општествено уредување се уште се присутни во размислувањата на луѓето. Има многумина кои повеќе би сакале да добијат некоја државна работа, отколку самите да преземат иницијатива да размислат што е она од што самите можат да заработуваат, како можат да почнат бизнис, да се самовработат, да заработат и други лица и да живеат убаво, рече Груевски.

За таа цел, додаде, почнавме реформи во образовниоет систем кои се насочени кон преминување од еден репродуктивен концепт на размислување на концепт, кој го поттикнува креативниот начин на размислување.

- Кај нас луѓето не биле насочени да размислуваат на креативен начин, додека во другите земји, децата уште од мали се воспитувани како постојано да размислуваат нештата да ги подобрат и во се што ќе погледнат да препознаат можност за бизнис. Многу е важно секој оној што размислува за започнување на сопствен бизнис да ги разгледа сите можности кои му се нудат, истакна Груевски.

Според премиерот, државните институции нудат повеќе програми и мерки за поддршка на претприемништвото. На пример, како што потенцираше, преку Агенцијата за вработување се нудат повеќе програми за самовработување, а преку Македонската банка за поддршка на развојот од Европската инвестициска банка, обезбедени се нови 100 милиони евра евтини кредити за малите и средни претпријатија, чија камата нема да биде повисока од 5,5 отсто.

Груевски најави дека ќе се обидат во иднина да ги поттикнат и компаниите да организираат вакви натпревари и очекува млади луѓе, студенти и невработени лица да се охрабрат преку овој натпревар да погледнат кон иднината без страв од предизвици.

На настанот присуствуваше и министерот за образование и наука Панче Кралев, кој рече дека го радува големиот број учесници на натпреварот.

- Неговиот успех ни потврдува дека се движиме во вистинска насока и ни дава дополнителен поттик да продолжиме со проектите за развој на претприемачкиот дух кај сите млади лица. Планираме да реализираме слични натпревари на повеќе универзитети низ земјата на кои тимови составени од студенти ќе имаат можност да се натпреваруваат меѓу себе за награда и ќе имаат можност да научат како да направат добар бизнис план, најави Кралев.

Првонаградениот Котески кој е дипломиран електроинжинер и вработен во приватна новооформена фирма „Камај медиа“ истакна дека станува збор за идеја за креирање студио за производство видео игри за конзули во Битола.

- Станува збор за идеја со која еден тим ќе создадат производ кој понатаму треба да се продава на странскиот пазар на начин на кој веќе е практика во индустријата за производство на видео игри, рече Котески.