Вицепремиерот Ставрески предностите на Македонија за правење бизнис ќе ги претстави во Краснодар

Потенцијалите во Македонија за инвестиции и предностите што ги нуди,  вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески денеска во рамки на посетата на Русија ќе ги презентира пред руски бизнисмени во Краснодар.

Пред стопанствениците ќе бидат претставени компаративните предности на Македонија што ги нуди во енергетиката, земјоделството, туризмот, градежништвото...

Вицепремиерот во Краснодар ќе се сретне и со губернаторот на краснодарската област Александар Николаевич Ткачев.

Краснодарскиот крај е дел од јужниот федерален округ на Руската Федерација, има население од 5,3 милиони жители. Спаѓа меѓу поразвиените и побогати руски федерални единици. Главен и административен центар е Краснодар кој е и важен стопански центар каде се присутни повеќе индустрии меѓу кои металургија, металска производство на машини и опрема, хемиска и петрохемиска индустрија, текстилна, градежништво и слично. Една од поважните стопански гранки во овој дел е туризмот. Краснодарскиот крај излегува на две мориња, а истовремено има високи планински масиви погодни за развој на зимскиот туризам. Областа е богата и со минерални суровини нафта и гас при што се развиени рударството и нафтената индустрија.

Инвестициските можности во Македонија, вчера владината делегација ги претстави во Ростов, каде стопанствениците пројавија интерес за изградба на центри за земјоделски производи, како и за македонското овошје и зеленчук.

Вицепремиерот изрази уверување дека на овој начин се отвара вратата за македонските фирми да се зголеми извозот во ростовскиот регион и додаде дека Русија е интересен нов пазар за македонските компании.

Република Македонија и Руската Федерација остваруваат интензивна економска соработка. Доминантен облик на соработката е трговската размена, која минатата година изнесува над 700 милиони американски долари и бележи зголемување од 30-тина проценти во однос на претходната година. За одбележување е што извозот од Македонија во Русија бележи рекордно зголемување од 140 проценти, а увозот од Русија во Македонија околу 28,7 отсто. Најмногу сме извезувале лекови за малопродажба, овошје и зеленчук, феросилициум, делови и прибор за каросерии, производи од камен или други минерални материи и други машини уреди и опрема и други делови и прибор за моторни возила. Во Русија се врши и извоз на вино.

Македонија од Русија најмногу увезува нафта и масла добиени од битуменозни минерали, природен гас во гасовита состојба, плоснато валани производи од железо или нелегиран челик, други производи од железо од руда, друг камен јаглен, неагломериран, пропан течен. Од почетокот на годината вкупната трговска размена е близу 130 милиони долари.

Инвестиции од Русија во Македонија минатата година се 5,19 милиони евра. Со оглед на економскиот и инвестициски потенцијал на оваа држава обемот на странски директни инвестиции се смета дека е многу мал. Во 2010 година интересот на инвеститорите од Руската Федерација е зголемен особено во енергетскиот сектор и се очекува отпочнување на нов инвестициски циклус од оваа земја. Во 2011 година во ТИРЗ –Скопје 1, рускиот фармацевтски холдинг „Протект Груп“ ја почна градбата на фабриката „Продис ДОО“, која ќе се одвива во две фази до 2015 година и ќе има 130 нови вработувања. Фабриката ќе производува хомеопатски производи, чаеви, минерали, органски и неоргански житарки. Компанија која веќе е присутна и работи во Македонија е руски „Лукоил“, руски капитал има и во Бучим и Саса.