Со државна церемонија беше оддадена почит на загинатите во автобуската несреќа во Бугарија и им беа предадени на семејствата

Со државно-воена церемонија, денеска на Меѓународниот аеродром во Скопје беше организиран пречек на посмртните останки на загинатите граѓани во автобуската несреќа на 23 ноември во Република Бугарија.

Посмртните останки на 45 наши загинати сограѓани, кои со авиони на бугарската армија пристигнаа на аеродромот во Скопје, беа пречекани од претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, претседателот на Собранието, Талат Џафери, претседателот на Владата, Зоран Заев, како и од други највисоки претставници на овие, и на други институции и верски организации.

На пречекот на посмртните останки на загинатите во автобуската несреќа присуствуваа и членови на нивните семејства.

Највисоките претставници на државниот врв, претседателот на државата, Стево Пендаровски, претседателот на Собранието, Талат Џафери и претседателот на Владата, Зоран Заев на церемонијата положија венци со цвеќе и се поклонија пред погребната поворка на трагично загинатите, по што ковчезите со посмртните останки им беа предадени на семејствата за да бидат погребани во нивите вечни почивалишта.

На аеродромот во Скопје последен поздрав до починатите упатија и делегации од соседните Република Албанија, Република Бугарија и Република Косово.

Поклон во чест на жртвите венец свежо цвеќе како последен поздрав положија и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, придружуван од вицепремиерот и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби.

Пред поворката со посмртните останки венец свежо цвеќе положи и делегација на Владата која што ја предводеше министерот за надворешни работи, Бујар Османи.