Доделена втората дозвола за управување со отпад од пакување за компанијата Еуро-Екопак
Министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми денеска ја додели втората дозвола за управување со пакување и отпад од пакување на компанијата Еуро-Екопак чии основачи се фирмите Колид-Колешино, Комуна-Скопје, Ренова-Тетово и Тедико Супер-Скопје.
Со доделување на втората дозвола, тој смета дека Министерството ги исполнува одредбите на Законот за отпад од пакување и одредбите од директивата на Европската унија.
- Се надеваме дека на ваков начин ќе воспоставиме систем за постапување со отпад од пакување, рече Адеми.
Министерот посочи дека со цел да се надмине постоечката состојба и да се воспостави одржлив систем за управување со отпадот кој е во согласност со барањата на ЕУ, донесени се законите за управување со отпадот и за управување со пакување и отпад од пакување.
- Со овој закон се уредуваат барањата за заштита на животната средина кои мора да ги исполнува пакувањето при негово производство, пуштање на пазар и ставање во употреба и постапувањето со отпадот од пакување што ги опфаќа обврските и одговорностите на економските оператори и други субјекти кои учествуваат во процесот на производство, пуштање на пазар и ставање во употреба на пакувањето, правилата за собирање, повторна употреба, преработка и отстранување, како и други услови за постапување со отпадот од пакувањето, известувањето и економските инструменти за постигнување на националните цели за собирање и преработка од пакување, нагласи Адеми.
Покрај Еуро-Екопак, дозвола за управување со пакување и отпад од пакување има и компанијата „Пакомак“.
Министерот изрази надеж дека двете компании успешно ќе ја реалзираат својата обврска и ќе бидат пример за исполнување и на законите за отпад со акумулатори и батерии и за отпад од електрична и електронска опрема.
- На овој начин даваме придонес за зачувување на природата, но и создаваме подобар амбиент за живот, истакна Адеми.
Основната програмска определба на Еуро-Екопак, спроед претставникот Љупчо Аврамовски, е да создаде одржлив интегрален систем на управување со отпадот од пакување од фазата на собирање, преку транспорт, складирање, преработка и повторна употреба, со цел да оствари услови за здрава животна средина и квалитетно управување со основните ресурси во животната средина, во случајот отпадот од пакување.
- Средствата што ќе се добиваат од членките на системот на Еуро-Екопак ќе бидат реинвестирани во создавање на одржлив интегрален систем на управување со отпадот од пакување со цел на овие членки да им се даде можност да се вклопат во системот преку добивање урбана опрема и давање услуги. Ние сме сервис на нашите членки, изјави Аврамовски.
Според законот за отпад од пакуаавње компаниите кои произведуваат отпад од пакување имаат можност да настапуваат сами и да се здружат колективно.