Унапредувањето на трговските односи помеѓу Северна Турција, Македонија и Косово, подобрување на инфраструктурната поврзаност и можностите за реализација на инвестиции со кои би се подобрила конкурентност на земјите и на регионот на Западен Балкан, беа дел од темите кои се дискутираа на денешниот трилатерален состанок „Придонес за развој на социо-економските односи помеѓу Република Турција, Република Северна Македонија и Република Косово“, кој е во заедничка организација на Македонско-турската стопанска комора МАТТО, Косовско-турската стопанска комора КТТО и Здружението на стопанственици и занаетчии „Еснаф“ од Косово.
На настанот учествуваа заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, министерот за регионален развој на Република Косово, Фикрим Дамка, амбасадорот на Република Турција во нашата земја, Н.Е. Мехмет Секизкок, претседателот на Македонско-турската стопанска комора Ајдован Адемовски, претставници на здруженијата, ко-организатори на настанот, како и претставници на 50-ина компании, инвестиции со турски капитал во двете земји.
Вицепремиерот Битиќи, во своето воведно излагање, посочи дека регионалната соработка е есенцијална за понатамошниот напредок на економиите и општествата на земјите од регионот, при што го поздрави ангажманот за организација на овој трилатерален состанок и даде поддршка дијалогот да остане отворен и да се унапредува и понатаму.
“Мене ме радува што и во Турција и во Косово, Република Северна Македонија има традиционално добри трговски партнери. Република Турција е 7-ми по вредност трговски партнер на нашата земја, a Косово е рангиран како 10-ти најдобар трговски партнер. Со оглед на тоа што позади нас имаме две кризни години години, навистина се сигнификантни растот на меѓусебната трговија, извозот и увозот, а тоа значи дека се враќаме на патеките на соработка пред пандемијатa“, нагласи Битиќи и додаде дека цврсто воспоставените релации помеѓу трите земји и покрај пречките од пандемијата не беа прекинати, а многу брзо се обновуваат и враќаат на пред пандемското ниво.
„Пост-ковид периодот е шанса за регионот. Шанса да ја унапредиме уште повеќе нашата соработка, да создадеме регион кој ќе биде конкурентен и атрактивен, а не да создаваме меѓусебна конкуренција помеѓу земјите од Западен Балкан. Ако овие две тешки години на нешто не научија, тоа е важноста на блиската соработка и пријателското излегување пресрет на потребите на другиот, но и важноста на достапноста на материјали, стоки, услуги и луѓе. За мене, „near shoring-от“ е предноста на нашиот регион, развивањето на вредносните ланци е нашиот потенцијал и предноста која ќе не извлече напред, надвор од оваа криза“, додаде вицепремиерот Битиќи.
Министерот за регионален развој на Република Косово, Фикрим Дамка, рече дека преку оваа средба ќе се зајакнат односите помеѓу претставниците на бизнис заедницата, што е рефлексија на и онака одличните односи помеѓу владите на трите земји.
„Трилатералните трговски односи меѓу нашите земји даваат одличен придонес кон економскиот развој на нашите земји. Ваквите релации ќе дадат придонес во развојот на нашата економска соработка која се заснова на нашите долговековни социо-културни односи. Економии кои до пред две години дискутираа сосема различни теми, во денешницата перципираат и вреднуваат нови ситуации со кои се соочуваме. Пред КОВИД-19 пандемијата, разговаравме за тоа како треба да расте домашната производствена област, а денес разговараме како преку дигитализација да ги пласираме нашите производи на што повеќе пазари“, посочи Дамка.
Тој додаде дека при промоција на можностите за инвестирање во Република Косово, на инвеститорите им се посочува дека со реализација на овие инвестиции добиваат многу повеќе можности, односно добиваат пристап до поширокиот пазар на земјите од Западен Балкан, а се осврна и на плановите на косовската Влада за подобрување на патната и железничката инфраструктура и поквалитетно поврзување со соседните земји.
На состанокот од страна на коморите беа презентирани најзначајните инвестиции од турски компании во изминатиот период, кои се во повеќе сектори, а особено во градежништвото, банкарството, трговијата, производството и во други гранки.