Министерот Бесими во Вашингтон се сретна со заменик-помошникот државен секретар Филип Рикер

Министерот за одбрана на Република Македонија Фатмир Бесими вчера во Вашингтон се сретна со заменик-помошникот државен секретар на САД Филип Рикер и со директорот задолжен за европски прашања во Советот за национална безбедност Рик Холдзапел.

Како што денеска соопшти Министерството за одбрана, на средбите министерот Бесими се осврна на одличната соработка меѓу Република Македонија и САД во сферата на одбраната и безбедноста, и воедно изрази благодарност за отворената и континуирана американска поддршка за реформскиот процес во Република Македонија, како и за процесот на евроатлантска интеграција. 
 
Во таа насока, стана збор и за Самитот во Чикаго и за значењето за побрзо зачленување на Република Македонија во НАТО, кое би имало позитивен импакт на севкупниот регион и би било успех и за Република Македонија и регионот, но и за самата Алијанса.

Советот за национална безбедност е основниот форум на претседателот на САД кој се занимава со прашања поврзани со националната безбедност и надворешната политика. Креиран со Националниот безбедносен акт од 1947 година, неговата основна функција е да го советува претседателот на САД во однос на политиките за национална безбедност и надворешни работи, а воедно да служи и како основна алатка за координирање на споменатите политики помеѓу различните владини агенции.