Премиерите Ковачевски и Петков го посетија новоотвореното дописништво на МИА во Софија

Премиерите на владите, Димитар Ковачевски и Кирил Петков, во рамките на официјалната посета на делегацијата на Владата на Северна Македонија на Софија, го посетија Македонскиот културно-информативен центар во главниот град на Бугарија за официјално да го означат почетокот на работата на дописништвото на Медиумската информативна агенција на Северна Македонија (МИА), во Софија.

За време на посетата на премиерите на Северна Македонија и Бугарија им беа врачени пригодни подароци како симбол на заедничката определба постојано да се заложуваат за борба против дезинформациите и говорот на омраза.

Премиерот Ковачевски порача дека дописништвото на МИА во Софија е реализација на заедничката иницијатива за отворањето на дописништва на државните информативни агенции во Скопје и Софија како чекор кој ќе обезбеди редовни, релевантни и објективни информации за граѓаните и за медиумските заедници во Северна Македонија и Бугарија.

Автентичните информации, нагласи Ковачевски се единствениот одговор во борбата против дезинформациите и медиумската соработка е многу значајна во таа насока и дека борбата против дезинформациите во голема мерка ќе го намали и говорот на омраза.

Претседателот на Владата на Северна Македонија, Ковачевски додаде дека нема подобра мотивација во работата кога резултатите стигаат брзо како во овој случај кога откако пред недела дена Бугарската новинска агенција (БТА) отвори дописништво во Скопје, а денес во Софија МИА отвора свое дописништво во Бугарија.

„Ние сме пријателски народи и наша должност е да градиме пријателства и заради сегашните и заради идните генерации, а медиумите и новинарите имаат суштински важна улога за остварување на тие заложби“, рече премиерот Ковачевски на отворањето на дописништвото на МИА во Софија.

Како дел од програмата на посетата на премиерот Ковачевски на Софија, тој и премиерот Петков претходно положија венци свежо цвеќе на спомениците на Непознатиот воин и на Светите браќа Кирил и Методиј.